Најголем дел од трансакциите кон домашните е-трговци ги извршиле физички лица и тоа со високи 87 отсто од вкупните трансакции
Македонските граѓани во првите девет месеци од минатата година потрошиле 203,1 милиони евра купувајќи од домашни онлајн продавници, што е за 84,5 отсто повеќе во однос на истиот период во 2020 година.
Најголем дел од трансакциите кон домашните е-трговци ги извршиле физички лица и тоа со високи 87 отсто од вкупните трансакции. Просечната трансакција пак, изнесува 26,2 евра и тоа кај физичките лица е 26,9 евра а кај правните лица 22,2 евра.
Кон домашните трговци во првите девет месеци од 2021 година се слеале вкупно 215,2 милиони евра од кои 94 проценти се од домашни купувачи, информира Агенцијата за е-трговија (АЕТМ).
„Растот во првите девет месеци од 2021 година во вредноста на онлајн трансакциите изнесува 68 проценти. Можеби уште позначајната промена поттикната од ковид-19 е драстичната промена во структурата на трансакциите. Ако од вкупната вредност пред пандемијата помалку од половина се слеваше кон домашни е-трговци, сега веќе учествуваат со 79 проценти или вкупно 215,2 милиони евра се слеале кон домашни е-трговци во првите девет месеци 2021. Македонците се повеќе купуваат од домашни е-трговци, 95 проценти од вредноста на домашните е-трговци ја реализирале македонски картички (картички издадени од домашните банки)“,
вели претседателката на АЕТМ, Нина Ангеловска.
Во однос на купување од странство, македонците направиле трансакции вредни 58,1 милиони евра во првите девет месеци од минатата година, што претставува 21,3 отсто од вкупно остварената вредност на онлајн трансакции. Во однос на истиот период претходната година остварен е раст од 28 проценти.
Странците кон македонските е-трговци, пак, направиле промет од 12,1 милиони евра во првите девет месеци од 2021 година, зголемувајќи го износот на трансакции во однос на истиот период на 2020 година за 68 отсто.
