Претходно и Сашо Мијалков, понуди слична гаранција за да излезе од притвор
И бизнисменот Орце Камчев излегува од притвор, со гаранција од над 10 милиони евра, и ќе се брани од слобода за случајот „Плацови на Водно“.
Според информациите, Апелацискиот суд одлучил да ја уважи жалбата на неговата одбрана за случајот „Плацови на Водно“ и да прифати гаранција од речиси 11 милиони евра за тој да излезе од притворот во „Шутка“. Судот само ќе му го задржи пасошот.
Од Апелацискиот суд се уште нема официјална потврда за одлуката на судиите во врска со жалбата на Камчев. Портпаролката на судот вечерва не одговара на телефонските повици, откако попладнево соопшти за „360 степени“ дека се постапува по поднесената жалба.
„Предметот за Јордан Камчев по жалба е во Апелација. Кривичниот совет и денеска постапува и си работи по предмети, но дали има одлука и каква е одлуката, не знаеме“,
изјавија претходно од Апелација за „360 степени, нагласувајќи дека одлуката би можела да биде соопштена и во текот на денот.
Сега кога е речиси извесно дека Апелација го „ослободи“ Камчев, ќе треба да се завршат процедурите за запишување на хипотека, по што тој ќе се брани од слобода.
Камчев се наоѓа на лекување во болницата „Систина“ поради здравствени проблеми, а потоа лекувањето ќе го продолжи дома.
Претходно и Сашо Мијалков, понуди слична гаранција за да излезе од притвор и да се брани од слобода.