Меѓународната федерација на новинари (ИФЈ) го објави годинешниот црн биланс на новинари и медиумски работници кои го загубија својот живот извршувајќи ги своите работни задачи. Бројката, за 2021 година, изнесува 45 жртви.
„Овие 45 колеги кои ги загубивме во насилства оваа година, не потсетуваат на страшната жртва што новинарите во светот продолжуваат да ја плаќаат за служење на јавниот интерес, а ние им остануваме должни и на илјадници други кои платија највисока цена“,
истакна генералниот секретар на ИФЈ, Ентони Беленџер.
Од вкупниот број на жртви, 33 новинари и медиумски работници загинале во целни напади. Убиени новинари и медиумски работници се регистрирани во 20 земји. Државните во кои годинава имало најголем број на убиства на преставници на седмата сила се:
- Авганистан – 9 убиени
- Мексико – 8 убиени
- Индија – 4 убиени
- Пакистан – 3 убиени
Според ИФЈ, од 1991 година до денеска, во светот се убиени 2 721 новинар и медиумски работник. Лани, црниот биланс изнесуваше 65 жртви.
ИФЈ, исто така, наведува дека бројките во 2021 година го потврдуваат трендот дека медиумските работници најчесто се убиваат поради разоткривање на корупција, криминал и злоупотреба на моќта во нивните заедници, градови и земји.
Годинешната бројка е најниска во последните 30 години откако ИФЈ првпат почна да објавува годишни извештаи за новинари убиени во инциденти поврзани со нивната работа.