Лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, смета дека СДСМ, ДУИ и Алтернатива немаат легитимитет да бидат на власт. Изјавата на Села следува откако денеска шефот на државата Стево Пендаровски му го врачи мандатот за состав на Влада на новиот лидер на СДСМ Димитар Ковачевски.
„Тој што ги доби изборите беше Заев, а не Ковачевски за да биде мандатар. Зборот на Заев е зборот искажан пред јавноста и тој треба или да продолжи до крај, ако може, или, да прогласи избори и да одиме на избори. Али Ахмети и ДУИ истотака немаат легитимитет за да бидат дел од власта. Дојдоа со ветувањето дека ќе биде премиер Албанец, а сега по вторпат гласа премиер Македонец. Прво Заев, сега Ковачевски. Зошто не го гласа Насер Зибери? Ова е моментот. Африм Гаши и Алтернатива немаат легитимитет зошто имаат земено гласови за да донесе промена кај албанското општество и да го прати ДУИ во опозиција, а не да го држи во власта“,
кажа Села и посочи дека потребни се предвремени парламентарни избори.
Согласно Уставот, од денеска тече рокот од 20 за мандатарот на Собранието да му поднесе програма и предлог за составот на Владата. Собранието треба да ја избира Владата со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Коментирајќи го и денешното врачување на мандатот, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кажа дека не очекува никаков пресврт во однос на политиките на Владата, која ќе ја предводи Димитар Ковачевски.