Од решението на МВР може да се види дека министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски ставил потпис на забраната за работа на станицата за технички преглед на „Виа Комерц Џемаљ“ во с. Глумово (Општина Сарај), три дена по трагедијата на автобусот на „Беса транс“ во Бугарија. Во образложението за забраната, пак, Спасовски се повикува на неправилности во работата на станицата утврдени при надзор спроведен уште во август. Па, логичното прашање на кое „360 степени“ бара одговор е – зошто три и пол месеци предметот стоел во фиока и зошто е реактивиран веднаш по несреќата во која загинаа 45 лица? МВР и натаму молчи
Додека надлежните институции трет ден молчат за случајот што го обелодени „360 степени“, на увид на јавноста го ставаме решението за забрана за работа на станицата за технички преглед на „Виа Комерц Џемаљ“, потпишано од министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, на 26 ноември 2021 г. (три дена по несреќата на автобусот на „Беса транс“ во Бугарија).
Од решението се гледа дека неправилности во работата на станицата за технички преглед во село Глумово, Општина Сарај, биле откриени уште на 12 август 2021 г., но од засега необјаснети причини, министерот Спасовски не потпишал решение за привремена забрана за работа – до отстранување на пропустите, иако таков предлог бил изготвен од стручните служби во Бирото за јавна безбедност. Во меѓувреме, на 5 октомври 2021 г., автобусот на „Беса транс“ што изгоре во Бугарија и со собе однесе 45 животи, поминал на технички преглед токму во оваа станица, во која биле детектирани серија пропусти во работењето.
Од документот може да се види дека при надзорот на работата на станицата што надлежни служби од МВР го извршиле на 12 август, било утврдено дека станицата не ги води потребните регистри на возила на кои им е извршен технички преглед, но и дека во контролата учествуваат нестручни лица.
„Констатирано е дека во постапката на технички преглед … врши проверка … и лицето Е.Д. …, кој е ученик во АСУЦ ’Боро Петрушевски’ …, кој во станицата е дојден со договор за феријална практика. Исто така, возилата при вршење на технички преглед се управуваат од управителот на правното лице Ј.Н., кој не е контролор во станицата за технички преглед и не ги исполнува условите за контролор…“,
пишува во решението на МВР, кое се повикува на наодите од 12 август.
Во записникот понатаму се констатира:
„На овој начин … се овозможува во сообраќајот на патиштата да учествуваат технички неисправни возила, односно возила кои може да претставуваат опасност по безбедноста на сообраќајот на патиштата.“
По пропустите утврдени на 12 август, надлежни лица во Бирото за јавна безбедност на 25 август изготвиле предлог за забрана за работа на станицата за технички преглед.
Што чекал Спасовски?
Но, Спасовски не го потпишал предлогот за забрана за работа, па станицата за технички преглед продолжила со работа. Во меѓувреме, на 5 октомври во станицата поминал технички преглед и автобусот на „Беса транс“ кој изгоре во Бугарија на 23 ноември.
Веднаш по несреќата, на 26 ноември, Спасовски става потпис на решение за забрана за работа на станицата, давајќи и рок од 30 дена за отстранување на пропустите.
Зошто забраната за работа е издадена веднаш по несреќата, а не кога бил подготвен предлог од надлежните служби, нема одговор од МВР, иако во неколку наврати се обративме со истото прашање. Прес-службата на Министерството целосно се затвори за одговори на оваа тема.
Јавноста досега не беше известена од МВР дека по несреќата во Бугарија издало забрана за работа на станицата за технички преглед во Глумово. Истиот ден кога ставил потпис на решението, Спасовски на прес-конференција кажа само дека при техничкиот преглед на автобусот на „Беса транс“ не биле утврдени пропусти.
„360 степени“ побара став и од Јавното обвинителство за тоа дали фактот што три месеци биле чувани во фиока неправилности откриени во станица за технички преглед, со што се доведува во прашање безбедноста во сообраќајот, е доволна причина да се отвори предмет, но до овој момент нема одговор.
This project was funded through a U.S. Embassy grant. The opinions, findings, and conclusions or recommendations expressed herein are those of the implementers/authors and do not necessarily reflect those of the U.S. Government.
Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторите/ авторите, и не ги одразуваат оние на Владата на САД.
Ky projekt është i mbështetur me grant nga Ambasada e SHBA-ve. Mendimet, zbulimet dhe konkluzionet ose rekomandimet e paraqitura këtu janë të implementuesve/autorëve dhe nuk i reflektojnë domosdoshmërisht ato të Qeverisë së SHBA-ve.