Додека досегашниот премиер и лидер, според најавите, останува „само активен член на партијата“, во партиските структури се враќаат некогашни функционери на СДСМ. Некои од нив во еден период имаа политички разминувања со Заев, пред и по неговиот прв избор на чело на партијата во 2013 година
Се најавува дека осуммина од досегашниот состав на ИО ќе ги задржат функциите, а десетмина ќе влезат како нови членови на ова тело
Досегашниот премиер Зоран Заев ги поминува последните денови во премиерската вила на Водно, од каде што планира да се врати во родната Струмица, кога ќе биде избрана новата влада на неговиот наследник во СДСМ, Димитар Ковачевски.
Луѓе од потесното опкружување на Заев велат за „360 степени“ дека тој не планира да го искористи правото на апанажа, туку дека навестил враќање во семејните фирми во Струмица, каде што работеше пред да почне активно да се се занимава со политика, така што прво беше пратеник, па градоначалник, за во 2013 година да биде избран за лидер на СДСМ, а во 2017 година стана премиер.
Додека Заев ги троши последните премиерски денови и се водат последните преговори за составување на новата влада, СДСМ е пред „реконструкција“ на најтесно раководство во кое, според најавите, нема да останат многумина од блиските соработници на доскорешниот лидер.
И додека досегашниот премиер и лидер, според најавите, останува „само активен член на партијата“, во партиските структури се враќаат некогашни функционери на СДСМ. Некои од нив во еден период имаа политички разминувања со Заев, пред и по неговиот прв избор на чело на партијата. Проценките се дека на таков начин ќе се постигне поголемо единство во партијата и баланс меѓу различните струи, што Ковачевски си го постави како приоритет во својата „кампања“ за лидер на СДСМ.
Во партиското раководство се очекува да се врати некогашниот генерален секретар на СДСМ, Андреј Петров, поранешен пратеник и кандидат за градоначалник на Карпош во 2013 година, кога се навестуваше „пресвртот“ на „Бихаќка“, односно заминувањето на Бранко Црвенковски од кормилото и доаѓањето на Заев. По конгресот во 2013 година. на кој на чело на партијата дојде „двоецот“ Заев – Радмила Шекеринска (кога беше воведена и заменик-потпретседателска функција во партијата), Петров се дистанцираше политички и не беше речиси воопшто активен во последните околу осум година.
Тогаш од политиката се повлече и Игор Ивановски, некогашен пратеник и висок функционер на СДСМ, кој сега се најавува како претседател на една од комисиите во партијата. Пред конгресот во 2013 година, Ивановски беше еден од противкандидатите на Заев за лидерската функција, покрај Зоран Јовановски и Кире Наумов, ама во последен момент ја повлече кандидатурата.
Според партиски извори, повеќе од половина од досегашните членови на Извршен одбор на СДСМ се очекува да заминат од овој форум по вечерашната седница на Централниот одбор, на која е најавено дека ќе се конституираат нови раководни структури на партијата, откако Димитар Ковачевски беше избран за лидер.
Се најавува дека осуммина од досегашниот состав на ИО ќе ги задржат функциите, а десетмина ќе влезат како нови членови на ова тело, во кое досега членуваа и Ковачевски, кој сега е претседател, како и Стефан Богоев, кој се очекува вечерва да биде избран за потпретседател на СДСМ.
Во мај годинава, конгресот на СДСМ избра нов Централен одбор, од чии редови потоа, по предлог на Зоран Заев, беа избрани 18 членови на Извршниот одбор, како и тројца секретари и четворица потпретседатели. Тогаш за членови на ИО беа избрани:
- Ана Данева Маркова
- Стефан Богоев
- Нина Фити
- Димитар Ковачевски
- Милена Стефановиќ
- Костадин Костадинов
- Андријана Будимир Филиповски
- Благоја Бочварски
- Рената Јајоска
- Петре Шилегов
- Софија Пејкова
- Мухамед Зеќири
- Мелиса Ценовска Серафимовска
- Никица Бачовски
- Тања Томиќ
- Дарко Каевски
- Јована Тренческа
- Васко Ковачевски
Околу осум членови кои ќе бидат „разрешени“ од ИО и натаму ќе бидат дел од Централниот одбор, со оглед на тоа што Ковачевски најави дека партијата нема да одржува нов изборен конгрес, туку дека ќе има само конгрес за анализа и отчет за неодамнешните локални избори. Сегашниот ЦО на СДСМ брои 119 од вкупно 130 членови, колку што дозволува партискиот Статут. Во тој контекст, Ковачевски најави дека ќе ја искористи можноста да кооптира нови членови во ЦО, кои потоа би можеле и да влезат во потесното партиско раководство.
Во мај годинава, беа избрани и четворица потпретседатели на СДСМ, што е максималниот број предвиден со партискиот статут. Од нив позицијата можно е да ја задржи единствено досегашниот вицепремиер за економија, Фатмир Битиќ. За нов потпретседател се очекува да биде избран Богоев, практично, наместо Оливер Спасовски, кој денеска објави дека веќе нема да биде потпретседател.
Како можни нови потпретседателки на СДСМ се најавуваат и пратеничката Бисера Костадиновска Стојчевска од Битола и Нина Фити, која сега е член на ИО, доколку се оди на пополнување на сите четири позиции, со оглед на тоа што партискиот статут предвидува од две до четири потпретседателски места. Освен Битиќи и Спасовски, пред седум месеци за потпретседатели на СДСМ беа избрани и досегашните министри за здравство и за образование, Венко Филипче и Мила Царовска, за кои е извесно дека заминуваат од Владата, односно дека нема да бидат во кабинетот на Ковачевски.
По последниот изборен конгрес, беа избрани и тројца секретари на СДСМ, односно Љупчо Николовски беше реизбран за генерален секретар, додека за организациски секретар беше именуван Мартин Попов, а Дејан Mаричиќ стана секретар за меѓународна соработка. Се очекува вечерва, ЦО на СДСМ за нов генерален секретар да го избере Миле Зечевиќ, кој првично најавуваше кандидатура за внатрепартиските избори во СДСМ, а потоа застана зад кандидатурата на Ковачевски. До 2019 година, Зечевиќ беше организациски секретар на СДСМ, но беше разрешен од функцијата по претседателските избори таа година, кога Заев најави операција „Метла“, така што го смени речиси целиот партиски врв.