Стоилковски го повика Забрчанец да одговори дали на дневна основа бил во комуникација со Боки, дали му давал насоки и линкови што да објавува
Забрчанец пак, во реакција на својот профил на Фејсбук ги отфрла како целосно неточни, лажни и манипулативни наводите изнесени на прес-конференцијата на портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски на денешната прес-конференција излезе со обвинувања против националниот координатор за спроведување на комуникациската стратегија на Владата, Марјан Забрчанец по писмото на Бојан Јовановски – Боки 13, осудениот за случајот „Рекет“,
„Вчера Бојан Јовановски, сопственик на медиум, според Зоран Заев провладин медиум, директно го именува Марјан Забрчанец, пет години главниот човек на Заев за владината пропаганда, дека тој ги пишувал текстовите и испраќал содржина за вестите на 1ТВ, телевизија на Бојан Јовановски, со тоа што дневно испраќал, го цитирам писмото на Бојан Јовановски – „по 100 пати ми испраќал текстови и линкови кои мораа да бидат пласирани во етер“. Бојан Јовановски да потсетам беше сопственик на телевизија на чие што крунисување присуствуваше цела влада, обвинителство, судство, со еден збор – цело СДСМ. И Јовановски вчера директно посочи дека всушност, содржината на вестите во таа телевизија биле пишувани и уредувани од Владата. Уште повеќе, Бојан Јовановски во отвореното писмо до Зоран Заев наведува за, цитирам – „оние што ги плаќате да ви веруваат и да ве бранат“, како и за повторно ќе цитирам – „платена пропаганда од твои новинари кои ги раководи Марјан Забрчанец“,
рече Стоилковски.
Стоилковски го повика Забрчанец да одговори дали на дневна основа бил во комуникација со Боки, дали му давал насоки и линкови што да објавува.
„Ова е сериозно обвинување од сопственик на медиум за чија што близина со членови и врвот на СДСМ, членови од државниот, правосудниот и политичкиот врв е неспорна за било кого во државата. Забрчанец, лице од владините служби, е должен да одговори, прво како владин службеник, а потоа и заради кредибилитетот на медиумскиот простор во којшто и денеска свое место имаат новинарите од уредничкиот колегиум на некогашната 1ТВ“,
рече тој.
Забрчанец во реакција на својот профил на Фејсбук ги отфрла како целосно неточни, лажни и манипулативни наводите изнесени на прес-конференцијата на портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ
„Како одговорен за комуникации и односи со јавноста во Владата имам обврска да бидам во дневен контакт со новинари, медиумски работници, уредници и одговорни лица во медиумите. Тоа е суштината на професијата односи со јавноста“,
наведува Забрчанец во реакцијата објавена на неговиот фејсбук-профил.
Забрчанец потенцира дека со Бојан Јовановски комуницирал исклучиво службено и професионално, информирајќи го за активностите на Владата и „одговарајќи на барањата на медиумот што го раководеше за интервјуа со премиерот Заев и со други претставници на Владата“.
„Жално е што ВМРО-ДПМНЕ станува мегафон на Боки 13 и што не направиле ниту една промена кај себе кога е во прашање односот кон медиумите. Политиката на режимско угнетување на новинарите и медиумските работници заврши на 1 јуни 2017 година, со изборот на тогашната нова Влада“,
потенцира Забрчанец.
Тој вели дека медиумските работници секогаш ќе ја имаат неговата поддршка и поддршката од оваа Влада да не дозволат никогаш повеќе манипулациите и газењето врз нивните права да станат доминантна појава во медиумските политики.
„Северна Македонија во изминатите четири години има сериозен напредок по прашањата на медиумските слободи, бројот на критички и независни медиуми е во постојан пораст, слободата на изразување е гарантирана, не постои никаков владино-политички притисок врз медиумите, а критиката од граѓаните и новинарите е секојдневна, гласна и препознаена. Слободата на медиумите е наше освоено секојдневие, а ВМРО-ДПМНЕ токму од тоа најмногу се плаши, за што говори односот на нивните градоначалници кон медиумите и нивното секојдневно бегство од соочувања со новинарските прашања. Нивниот начин на комуникација со медиумите беше насилно, брутално толчење и политички прогон за оние кои не успеваа да ги купат. Никогаш повеќе“,
додава Забрчанец во објавата на Фејсбук.