Прославата на празниците и годинава е во сенка на ковид-19, особено по појавата на новиот сој – Омикрон, кој во повеќе земји ги врати рестриктивните мерки за стопирање на ширењето на вирусот
Католичките и протестантските верници и дел од православните христијани, кои се водат според Грегоријанскиот календар, денеска го одбележуваат Раѓањето Христово – Божиќ.
Традиционално, во државава централната прослава по повод празникот се одржа во Католичката црква „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје, каде синоќа имаше божиќна света литургија.

На литургијата присуствуваа определен број свештени лица и верници согласно протоколите за заштита од Ковид-19, како и директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, Даријан Сотировски.
Божиќ го слават неколку милијарди луѓе во светот според Грегоријанскиот календар, a прославата и годинава е под сенка на пандемијата на ковид-19, особено поради појавата на новиот сој Омикрон.

Фото: EPA-EFE/ALI HAIDER
Инаку, поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск, денеска ќе служи миса и ќе се обрати на традиционалната божиќна „Порака до градот и светот“ (Urbi et Orbi).
Папата синиоќа служеше миса на Бадник во црквата Свети Петар, додека околу 2 000 верници со маски пред базиликата ја следеа церемонијата на екраните. Тој ги повика верниците повторно да ги „откријат малите радости на животот“ и да бидат понизни. На мисата, која беше преведена на повеќе јазици, присуствуваа амбасадори и претставници на други христијански цркви. Имаше околу 200 свештеници, бискупи и кардинали, кои исто така носеа маски.

EPA-EFE/ROLEX DELA PENA
Неколку стотици луѓе се собраа вчера вечерта во Витлеем, палестински град на окупираниот Западен Брег. Миса се служеше на Филипините, кои беа погодени од тајфунот Раи, во кој загинаа околу 400 луѓе, а десетици илјади останаа без покрив над главата.

Фото: ЕPA-EFE/CHAMILA KARUNARATHNE
Од друга страна, многу авиокомпании откажаа повеќе од 2 300 летови низ светот поради ограниченото патување поради Омикрон. Коронавирусот ја натера Холандија да воведе карантин, познатиот Бродвеј ги откажа божиќните прослави, додека Шпанија и Грција повторно го воведоа задолжителното носење маски на отворено.
Во Франција вчера беа регистрирани новозаразени 94 000 луѓе, што е најголем број од почетокот на епидемијата во таа земја, додека во Велика Британија се заразени над 122 000 луѓе.
Во Јужна Америка, исто така, се воведени построги мерки, како што се задолжителна вакцинација или затворање на границите.