Скратувањето на постапката за издавање на патни исправи, беше најчестото барање на нашите државјани кои живеат во странство, велат од МНР
Вкупно двесте наши државјани добија нови биометриски пасоши во период од два месеца од кога стапи во функција базната станица во македонската амбасада во Виена од 20 октомври годинава, информира Министерството за надворешни работи .
Од МНР посочуваат дека во истиот период се сликале за пасош 330 граѓани, а издавањето на нови патни исправи се прави по скратена постапка која не трае повеќе од еден месец.
Според амбасадорот, Ненад Колев со новата постапка за мобилно издавање на пасоши исчезнаа долгите редови на наши државјани кои чекаа пред Амбасадата.
„Дијаспората во Австрија го поздрави поставувањето на базна станица за земање на биометриски податоци на граѓаните за пасош во просториите на амбасадата во Виена и го оцени како вистински потег. Со оваа постапката за добивање нови пасоши, кои и натаму се изработуваат во Скопје, се скрати на само еден месец, од шест месеца во нормални услови, до девет месеца во време на короната. Воедно, речиси и да исчезнаа огромните редици од наши граѓани кои пред конзуларното одделение на Амбасадата чекаа за патни листови!”,
истакна Колев.
Скратувањето на постапката за издавање на патни исправи, беше најчестото барање на нашите државјани кои живеат во странство, а кое го изразија на сите досегашни спроведени анкети, посочуваат од Министерството.
„Министерството за надворешни работи секогаш ги зема во предвид барањата на нашата дијаспора и на таа основа ги изготви многубројните тековни проекти, со цел подобрување на услугите кои ги нудат дипломатските и конзуларните претставништва на земјава во светот“,
додаваат од МНР.