Според министерот, доколку на пролет се избере и се склучи договор со консултантска компанија, веднаш ќе се влезе во преговори со „Бехтел и Енка“. Во моментот кога ќе се склучи договор со оваа компанија, кој потоа поминува преку преговарачкиот комитет и Владата, ќе се започне со работа на терен. Бочварски очекува во текот на наредната година веќе да има градежни активности

Преговорите со американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“, за реализација на четири автопатски делници на коридорите 8 и 10 во земјава, се уште не се започнати, но формиран е комитет за преговори, политичко тело кое ќе го води првиот вицепремиер Артан Груби, вели министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, во интервју за емисијата „360 степени” на ТВ Алсат.
Покрај Груби и Бочварски, во овој комитет членуваат и повеќемина други членови на Владата, но и претставник од опозицијата.
„Владата веќе побара од најголемата опозициска партија во Собранието да биде вклучен член во преговарачкиот комитет, којшто ќе работи во идниот период. Секако, овој политички тим ја очекува постапката којашто наскоро ќе биде распишана во јавното претпријатие за државни патишта, за избор на консултантска компанија и надзорна компанија, која од самиот избор до завршувањето на овие четири делници ќе ја следи работата и, првично, ќе преговара на техничко ниво и тоа ќе биде огромен тим од стотина луѓе кои ќе работат, ќе преговараат, а потоа и ќе ја следат работата, односно ќе бидат надзорен орган“,
вели Бочварски.
Според министерот, градежните активности на терен би можело да започнат да се реализираат веќе во текот на следната година.
„Моите очекувања се дека најпрвин треба да имаме успешна постапка за избор на консултантска компанија која ќе биде суштинскиот преговарач во наредниот период. Доколку постапката заврши на пролет 2022 година – април, мај месец, и се склучи договор со таа консултантска компанија, веднаш ќе влезе во преговори со „Бехтел и Енка“. Во моментот кога ќе се склучи договор со оваа компанија, кој потоа поминува преку овој преговарачки комитет и преку Владата, ќе се започне со работа на терен. Јас очекувам во текот на наредната година да имаме градежни активности на овие делници“,
истакна Бочварски, потсетувајќи дека станува збор за делниците Тетово-Гостивар, Гостивар-Букојчани, Струга-Ќафасан и Битола-Прилеп.