Одлуката на директорот на телевизијата уследила по низата преземени синдикални активности од страна на сто вработени во телевизија Алфа, од кои 70-ина члена на ССНМ, со барања раководството редовно да исплаќа плати и придонеси, што во оваа година во четири наврати доцнеле и до три месеци
Оттаму велат дека случајот е пријавен и до надлежниот трудов инспекторат и оти очекуваат позитивно решение во корист на вработените. Дополнително за синдикалните членови, Синдикатот обезбеди и правна помош
Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) денеска на прес-конференција реагираа на одлуката на директорот на телевизија Алфа, Јани Бојаџи, да отпушти шест работници, членови на Синдикатот, меѓу кои и еден од синдикалните претставници на ССНМ во овој медиум.
Претседателот на Синдикатот, Павле Беловски, рече дека одлуката на Бојаџи се толкува како реваншизам и одмаздољубие, нагласувајќи дека отказите се со цел да се предизвика страв и неизвесност кај останатите вработени и да се откажат од загарантираните права.
Според ССНМ, тука се работи за свесно кршење на Законот за работни односи, со отпуштање и на еден од претставниците на ССНМ во телевизија Алфа, кого Законот го штити од отказ.
„Отказ на вработен поради учество во синдикални активности самото по себе е неправедно и токму поради тоа законот предвидува посилна заштита на синдикалните претставници, која Бојаџи не ја почитувал“,
изјави Беловски.
Беловски објасни дека одлуката на директорот на телевизијата уследила по низата преземени синдикални активности од страна на сто вработени во Алфа телевизија, од кои 70-тина членови на ССНМ, со барања раководството редовно да исплаќа плати и придонеси, што во оваа година во четири наврати доцнеле и до три месеци. Покрај доцната исплата на плати, на вработените во телевизијата им било скратено правото на здравствено осигурување, со што се загрозува и здравствената состојба на вработените.
Беловски рече дека имало и обиди за посредување, односно, како што рече, „да се вразуми Бојаџи и да отстапи од намерата да се пресметува со вработените“, кои биле неуспешни, и најави дека постапката ќе ја продолжи на суд.
Случајот е пријавен и до надлежниот трудов инспекторат и оти очекуваат позитивно решение во корист на вработените. Дополнително за синдикалните членови, Синдикатот обезбеди и правна помош.
Според Младен Чадиковски, претседател на ЗНМ, отпуштањето на група медиумски работници „под сомнителни околности од страна на менаџментот на Алфа негативно се одразува на повеќе нивоа“.
ЗНМ заедно со Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, им стои на располагање на медиумските работници преку правни механизми за да помогне во надминување на оваа состојбата.
Тој истакна дека отпуштањето работници претставува тежок чин во секој сектор, но во медиумскиот има сериозно влијание поради кревкиот пазар и ниските плати, а дополнително влијае и на намалување на атрактивноста на професијата и во обесхрабрувањето на младите луѓе да се занимаваат со оваа професија.
Претседателот на ЗНМ, пак, најави дека активно ќе го следи судскиот случај кој ќе следи предизвикан од оваа одлука на ТВ Алфа и ќе ги извести своите меѓународни партнери за прекршување на правата на медиумските работници.
Вработените во ТВ Алфа од август досега на двапати по неколку дена ја сведоа програмата само на вести од презентер, без новинарски прилози, а вестите траеја по десетина минути, како протест поради неисплаќањето плати и хонорари.
Во август, директорот Бојаџи за „360 степени“ рече дека се работи за привремена состојба и најави дека сите долгови кон вработените ќе бидат подмирени во најбрз рок.
Истото се случи и неодамна, но овој пат епилогот е со откази за шестмина вработени во телевизијата.