Координаторот на опозициската пратеничка група пресметал дека овој владин кабинет само осум пати одговарал на прашања од пратениците во периодот од 17 месеци откако беше избран во Собранието
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицевски, ја критикуваше денеска во парламентот владата во оставка и оцени дека во нејзиното 17-месечното постоење се одржани само осум седници за пратенички прашања. Мицевски упати прашање до Собранието:
„Зошто оваа влада покрај сите препреки, како што е недозволување да се разгледаат интерпелациите поднесени од опозицијата, кои никогаш не дојдоа на ред за дискусија, барањето за анкетна комисија за тетовската ковид-болница, не ги повикува министрите за да им ги поставиме прашањата за изминатиот период и за тоа што е направено, а се должни да им го кажат на пратениците како пратенички прашања. Ова е скандал, што тие не присуствуваат на пратенички прашања, а ќе има други седници на Собранието“,
рече Мицевски.
На ова реагираше спикерот Tалат Џафери, кој му кажа на Мицевски дека нема право да поставува прашања.
„Прво, некоректно е да мешате работи, распуштање на Собрание и оставка на Влада. Тоа не се ист состојби. Распуштање на Собранието не подразбира и престанок на мандат на Влада. Оставка на премиер значи оставка на цела Влада. И според процедурите, член 219 и 220 од Деловникот, Собранието треба да констатира престанок на мандат на Владата, а таа Влада на која и престанал мандатот по основ на оставка на премиер според член 93 од Уставот треба да продолжи технички да врши работи до избор на нова влада. Од претходните мандати, не се случува на Влада која дала оставка да и се поставуваат пратенички прашања“,
рече Џафери
Тој, на почетокот на денешната пленарна седница, ја констатира оставката на премиерот Зоран Заев и истакна дека врз основа на членот 93 од Уставот тоа повлекува оставка на целата Владата. Но, Џафери потенцира дека владата во оставка останува технички да ја извршува работата до избор на нова влада.

Пред да ја констатира оставката, процедурално реагираше Мицевски, кој изнесе контрастав на оној што претходно на брифинг со новинарите го кажа спикерот Џафери во однос на седницата за пратенички прашања.
И додека Џафери беше дециден дека пратенички прашања не може да се поставуваат на влада која е во оставка, Мицевски се повика на членот 93 од Уставот, став 5, според кој владата останува на должност до избор на нова влада.

Во собраниската сала беа само пратениците од опозицијата., кои откако беше констатирана оставката на Заев, ја поздравија со аплауз.

Заев вчера ја достави оставката до Собранието и во писмото наведе дека нема усно да ја образложи.
Собранието на денешната седница ја констатира и оставката на Фадил Зендели од функцијата потпретседател на Собранието. Зендели исто така не беше во салата да ја образложи оставката.