Зголемувањето на инфекциите и преносот кај невакцинираните лица е причина за зголемувањето на бројот на тешко болни пациенти, што е многу поголемо отколку што очекуваше владата кога ги олабави мерките на почетокот на ноември
Јужна Кореја достигна нов рекорден дневен број на смртни случаи од ковид-19, а властите предупредија дека високо преносливиот нов вид на вирусот омикрон наскоро би можел да стане доминантен.
Јужнокорејската агенција за контрола и превенција на болести соопшти дека 109 лица починале во изминатите 24 часа, најмногу досега, со што вкупниот број на смртни случаи во пандемијата се искачи на 5 015.
Дури 1 083 пациенти, како што се наведува, се во тешка или критична состојба, што е најголема бројка досега.
Вкупно 6 919 луѓе беа позитивни на коронавирус еден ден претходно, а властите потврдија уште 12 случаи на заразени со омикрон, со што вкупниот број заразени со сојот се искачи на 246.

Засега, видот делта го претставува огромното мнозинство на новопријавени случаи на заразени во Јужна Кореја, но тоа може брзо да се промени.
Јужна Кореја се бореше во последниве недели со зголемени инфекции и смртни случаи со коронавирус, по значителното олеснување на ограничувањата на почетокот на ноември, со цел да се врати на нормалниот начин на живот како пред пандемијата.
Висок здравствен функционер претходно оваа недела изјави дека е можно сојот омикрон да стане доминантен во Јужна Кореја за еден или два месеца.
Поради загриженост за рекордното зголемување на новозаразените и починатите, Јужна Кореја во саботата повторно воведе строги правила за дистанцирање, постави ограничување на четири лица за приватни собири и воведе полициски час за рестораните и кафулињата.
Министерот за здравство Квон Деок-чеол рече дека Јужна Кореја е во критична фаза од пандемијата и дека опасноста за нејзиниот медицински систем расте.
Тој рече дека зголемувањето на инфекциите и преносот кај невакцинираните лица е причина за зголемувањето на бројот на тешко болни пациенти, што е многу поголемо отколку што очекуваше владата кога ги олабави мерките на почетокот на ноември.