Во зависност од текот на пандемијата во предвид доаѓаат засилени мерки како работење од дома, ограничување на работното време на угостителските објекти, но не и затворање на училиштата
Грчкиот министер за здравство, Танос Плеврис, истакна дека по празниците сигурно ќе постои рамка на рестриктивни анти ковид мерки кои ќе се воведат во земјата и објасни дека во тек е состанокот на надлежната комисија на епидемиолози, од каде се очекуваат нивните препораки.
„Сигурно е дека ќе постојат рестриктивни мерки по празниците, за да можеме да ја следиме и контролираме пандемијата“,
рече грчкиот министер за здравство, Танос Плеврис.
Веројатноста за дополнителни мерки на почетокот на 2022 година, ја остави отворена и грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис за време на вчерашната владина седница кога рече дека нивниот план има две фази. Првата фаза би била масовно тестирање пред празниците, а втората, можност за дополнителни мерки по Нова година.
Мицотакис објасни дека втората фаза се однесува на периодот по празниците, односно првите седмици од 2022 година, а во зависност од текот на пандемијата во предвид доаѓаат засилени мерки како работење од дома, ограничување на работното време на угостителските објекти, но не и затворање на училиштата.
Тој нагласи дека сè уште не е донесена никаква одлука бидејќи таа ќе зависи од тогашната состојба со ковид-19 во земјата.