Тој потенцираше оти градежните компании и досега биле премногу ограничени со работните часови и додаде дека има и премногу празници во текот на годината, па доколку на тоа се додаде и неделата како неработен ден, како што вели и самиот, „градежниците нема да можат да врзат еден континуиран циклус на работа“
Претседателот на Здружението на градежништво при Стопанската комора на С.Македонија, Андреја Серафимовски, изрази надеж дека министерот за транспорт и врски ќе даде препорака за работа на градежниот сектор во недела, бидејќи секторот е изоставен од Законот за недела неработен ден како гранка на која и е дозволено да работи во недела.
„Тоа сериозно ќе го погоди градежниот сектор и ќе влијае на организациските услови во кои работат градежните фирми, а ќе влијае и на приходот и трошоците кои ги имаат градежните фирми при организирање на процесот на изградба“,
рече Серафимовски пред денешната средба со министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.
Серафимовски посочи дека домашните градежни компании работат на автопатски решенија по проекти од современ карактер каде, како што рече, се применуваат технологии кои не распознаваат работни и неработни денови.
„Овие технологии не распознаваат дали е дозволено да се работи во некои денови или не. Тоа сериозно ќе го разговараме со министерот и се надевам дека исклучокот да може да даде препорака да работиме и во недела ќе ни помогне во целост да не ги запреме капиталните проекти“,
рече Серафимовски додавајќи дека капиталните проекти ќе имаат забавено темпо доколку не се промени законското решение за недела неработен ден за градежниците.
Тој потенцираше оти градежните компании и досега биле премногу ограничени со работните часови и додаде дека има и премногу празници во текот на годината, па доколку на тоа се додаде и неделата како неработен ден, како што вели и самиот, „градежниците нема да можат да врзат еден континуиран циклус на работа“.
Министерот за транспорт и врски, Бочварски истакна дека смета оти во секој закон и во секој дел од општеството треба да се најде одреден баланс кој, како што рече, ќе значи сигурност и за работодавачите, во овој случај градежниот сектор, и за работничките права.
„Законот кој е донесен е сериозно издискутиран во минатиот период и сметам дека е добро решение со цел да овозможиме да го покачиме нивото на работничките права, со сите исклучоци кои ги дава Законот, со сите процедури да се оправда одредено исклучување од обврската за недела неработен ден. Сметам дека е добро решение и за работниците и за работодавачите“,
посочи министерот за транспорт и врски, Бочварски.
Од Организацијата на работодавачи на Македонија (ОРМ) сметаат дека во овој момент е направен добар компромис помеѓу барањата на синдикатите и реалните можности на бизнис секторот во однос на одредбите за прогласување на недела за неработен ден. Но, укажуваат и дека предложеното законско решение во кое се прави избор на дејностите кои поради природата на дејноста ќе можат да работат и во недела, носи ризик некои дејности да бидат изоставени од таа листа.
Во листата на дејности кои ќе имаат право да работат во недела од ОРМ ги посочуваат дејностите за производство на цемент, како и дејноста за изградба на патишта и железници.