Српскиот амбасадор во Швајцарија, Горан Брадиќ, по овластување и наредба на српскиот министер за надворешни работи Никола Селаковиќ, потпиша купопродажен договор со македонскиот амбасадор во Швајцарија, Кенан Рамадани, за откупување на косопственичкиот удел на Амбасадата на СФРЈ во Берн, Швајцарија.
Во следните 30 дена Србија на Македонија треба да ѝ го исплати уделот од осум отсто од зградата во која се наоѓаат Амбасадата на Србија, српското конзуларно одделение во Швајцарија, како и резиденцијата на српскиот амбасадор.
Со тоа Србија станува сопственик на 61,5 отсто од уделот на зградата во Берн, соопшти српското МНР.
Договорот за откуп на словенечкиот удел од 14 отсто беше потпишан на 7 декември годинава.
Зградата на Амбасадата на СФРЈ во Берн, со површина од 1 835 квадратни метри, ја изгради компанијата „Енергопроект“ во 1978 година, а во 2017 година Кантонот Берн го вклучи објектот во списокот на заштитени културни добра.
