Досегашниот министер за транспорт и врски влезе во „групата“ членови на досегашната влада од редовите на СДСМ кои чекаат новиот мандатар да одлучи дали ќе останат на функцијата, наспроти оние што веќе најавија дека се повлекуваат
Благој Бочварски, досегашниот министер за транспорт и врски во двата кабинета на Зоран Заев, вели мандатарот за состав на новата влада ќе одлучи кој ќе биде во неговиот тим.
Бочварски изјави денеска дека не е негово да дискутира кој би бил одговорен на кој ресор во идниот период, а во контекст на шпекулациите дека нов министер за транспорт и врски би можел да биде доскорешниот скопски градоначалник Петре Шилегов.
Тоа е прашање кое ќе го одговори идниот мандатар што ќе го добие мандатот да составува влада. Сметам дека сега е време да работиме, а не да лицитираме со имиња. Сметам дека е прерано да се лицитира со имиња или да дискутираме кој каде се гледа. Тоа е работа на идниот мандатар. Денеска очекуваме да биде поднесена оставката од претседателот на Владата, а со тоа и на целата Влада, за потоа во законски утврдените рокови идниот мандатар да си ги направи својот кабинет и својот тим. Тоа е негово право во законскиот рок да определи тим со кој ќе работи на продолжување на сите многу значајни проекти за државата“,
рече Бочварски
Нагласи дека мандатарот има апсолутно право и временски утврден рок по закон за да состави нова влада.
„Стојам на располагање да му помогнам и на идниот мандатар за да продолжиме со развој на проектите во идниот период, во делот на инфраструктурата во државата. Ќе разговарам со идниот мандатар и доколку ги отвориме сите проекти и концепти кои ги има, начинот на работа кој го предлага како иден премиер, му стојам на располагање“,
прецизира Бочварски.
Во изминатиот период, само министерките за одбрана и за образование, Радмила Шекеринска и Мила Царовска, објавија дека нема да учествуваат во новата влада. Шекеринска притоа посочи и дека не се согласува со дел од политиките во изминатите години и дека поради тоа се повлекува.
Од министерската „екипа“ на СДСМ во изминатиот период, извесно е и заминувањето на првиот човек на здравство Венко Филипче, чиј ресор го презема Алтернатива.
Дел од другите министри, пак, слично како и Бочварски, изјавија дека идниот мандатар, Димитар Ковачески, ќе одлучи каков ќе биде персоналниот состав на новата влада.
Се очекува Собранието утре да ја констатира оставката на премиерот Заев што тој попладнево треба да ја поднесе во парламентот. Од тој момент неговата влада ќе биде во оставка, ама останува на должноста до избор на новата влада. со констатирањето на оставката, почнуваат да течат и роковите од десет плус 20 дена за определување нов мандатар и за формирање на новиот кабинет, по што предлозите за министри треба да се достават до парламентот.