Со полна одговорност тврдам дека тој човек нема направено ништо неодговорно и нечесно. Ако се утврди нешто такво, јас давам оставка од политиката, вели лидерот на Алтернатива за својот сопартиец за кого ДКСК поднесе иницијатива за кривично гонење во обвинителството
Ексминистерот за култура Хусни Исмаили е чист како солза, вели претседателот на Алтернатива, Африм Гаши за својот сопартиец, за кого Антикорупциската комисија денеска соопшти дека поднела иницијатива до обвинителството за поведување кривична постапка поради злоупотреба на службената должност.
Исмаили, кој беше министер за култура во претходната Влада на СДСМ и на ДУИ, во која коалицираше и Алтернатива, сега е пратеник и се спомнува како можен нов потпретседател на Собранието.
„Воопшто не е точно тоа. Ова е многу индикативна иницијатива започната од политички структури, целосно политизирана. Јас тврдам дека Хусни Исмаили е чист како солза. Јас повеќе му верувам нему отколку себеси. Со полна одговорност тврдам дека тој човек нема направено ништо неодговорно и нечесно Ако се утврди нешто такво јас давам оставка од политиката“,
изјави Гаши, во гостување на вестите на Сител.
Алтернатива нема да ја растури колаицијата со Алијанса на локално ниво
За тоа како ќе функционираат во локалната власт, Гаши рече дека нивниот став е оти на локално ниво проблемите на граѓаните се поинакви и сакаат да останат верни на тие коалиции. Појасни дека со Алијанса за Албанците имале коалиција, додека со ВМРО-ДПМНЕ само соработка за поддршка на кандидатите во некои општини.
„Се додека еднострано не се прекине соработката, Алтернатива ќе остане дел од тие позиции што ги имала пред локалните избори“,
рече Гаши.
Тој гледа можност за повторна соработка со овие партии за некои следни избори.
„Партиите во земјава не треба да се забарикадирани во политички ровови, треба да комуницираат, треба да има различни коалиции, соработка на различно ниво. Но тоа треба да се направи врз основа на принципиелни критериуми и политики кои се за добробит на сите граѓани. Се трудам да ја подобрам политичката култура во државата, мислам дека тоа е здраво за целата политички реалност во државата и само така можеме да одиме напред. Поинаку со инсинуации, закопани во политички ровови, само ќе ја зацврстиме омразата помеѓу граѓаните, а тоа на никому не му треба“,
рече Гаши.