Поради најавениот протест на поранешниот лидер на демократите Сали Бериша и неговите приврзаници, попладнево во Тирана се преземени засилени безбедносни мерки пред утрешниот состанок на „Отворен Балкан“

Наместо во Тирана, албанскиот премиер Еди Рама ќе ги пречека македонскиот премиер Зоран Заев и српскиот претседател Александар Вучиќ во Елбасан, кои попладнево треба да пристигнат во Албанија за состанокот на регионалната иницијатива „Отворен Балкан“.
Според агендата, Заев и Вучиќ во Елбасан треба да пристигнат во 18:30 часот, а официјалната вечера е планирана за 19:30 часот. На вечерата ќе присуствуваат и делегациите на трите земји, во кои се министри и заменици-министри, претседателите на трговско-индустриските комори, вишиот советник на Атлантскиот совет Џим О’Брајан, како и потпретседателот на Фондацијата „Отворено општество“, Алекс Сорос, пренесува МИА.
Состанокот во рамки на иницијативата „Отворен Балкан“ ќе се одржи утре во Палатата на бригадите во Тирана. Делегациите ќе пристигнат во девет часот, по што следува трипартитна средба на Рама, Заев и Вучиќ, а половина час подоцна официјално почнува состанокот.
Прв ќе се обрати домаќинот Рама, потоа Вучиќ, па Заев, како и комесарот за проширување и добрососедска политика, Оливер Вархеји, генералниот секретар на Советот за регионална соработка, Мајлинда Брегу, директорот на Секретаријатот на ЦЕФТА, Емир Џикиќ, како и директор на Транспортната заедница, Матеј Закоњшек.
По потпишувањето на петте договори, заедничката прес-конференција е предвидена за 13 часот.
Поради најавениот протест на поранешниот лидер на демократите Сали Бериша и неговите приврзаници, попладнево во Тирана се преземени засилени безбедносни мерки, а откажана е и прошетката низ градот.
Досегашниот лидер на демократите Љуљзим Баша, од чија партија е Бериша, објави дека тие не го поддржуваат протестот против „Отворен Балкан“.