Двајца патници од крузерот „Дајмонд принцес“ починаа како последица на вирусот
Бројот на починати од коронавирусот достигна 2 126 лица, додека на заразени 75 600 лица. Бројот на оние што оздравиле од вирусот е 16 000 лица.
Во последните 24 часа регистрирани се 114 смртни случаи и нови 349 заболени, што е најмал број во текот на еден ден. За споредба во вторникот, бројот на новозаболени беше 1 749, соопшти кинеската национална здравствена комисија.
Сепак, експертите наведуваат дека тоа веројатно е поради најновите насоки на кинеската влада, според кои веќе нема да се регистрираат клинички дијагностицираните пациенти, туку само лабораториските, а останатите ќе се сметаат за сомнителни случаи.

На крузерот „Дајмонд принцес“, кој е закотвен во Јапонија, двајца патници починаа како последица на вирусот. Станува збор за лица на возраст од околу 80 години, но не е соопштен нивниот идентитет.
На овој брод се откриени вкупно 621 случај на заразени, од вкупно 3 700 патници и членови на екипажот, а здравите патници по 14-дневниот карантин се пуштени дома.
Еден од заразените е и македонски државјанин кој е дел од екипажот и се наоѓа на лекување во болница во Јапонија.