Ривалот на Виктор Орбан, Питер Марки-Заи, кој ќе му се спротивстави на унгарскиот премиер на парламентарните избори в година, доколку победи, во октомври најави екстрадиција на Никола Груевски во Северна Македонија
Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто, кој денеска е во посета на земјава, изјави дека екстрадицијата на поранешниот македонски премиер Никола Груевски е правно прашање за кое е задолжен судскиот систем.
„Ова не е политичко туку правно прашање. Тоа е работа за судскиот систем и во Унгарија политичарите во врска со тоа не може да поставуваат прашање“,
изјави Сијарто на заедничката прес-конференција во МНР со шефот на дипломатијата Бујар Османи, одговарајќи на новинарско прашање зошто Унгарија не го испорачува Груевски.
Ривалот на Виктор Орбан, Питер Марки-Заи, кој ќе му се спротивстави на унгарскиот премиер на парламентарните избори в година, доколку победи, во октомври најави екстрадиција на Никола Груевски во Северна Македонија.
Поранешниот македонски премиер Никола Груевски побегна во Будимпешта во 2018 година каде што доби политички азил. Тој е обвинет во повеќе судски процеси и осуден во предметот „Тенк“ на две години затвор за набавката на луксузниот „мерцедес“.