Обвинетите и нивните адвокати во случајот „Плавоци на Водно“ од денеска започнаа со изведување на нивните докази во судскиот процес за да ги побијат тврдењата на обвинителството за купувањето атрактивни парцели на Водно и прекривање и перење на пари.
Прва со изведување докази започна одбраната на обвинетиот бизнисмен Јордан (Орце) Камчев, која има 69 докази. Еден од адвокатите, Тони Менкиновски, во судница реагираше дека обвинителката Лиле Стефанова не набавила докази кои тие ги барале како одбрана, меѓу кои извештаи за даночни биланси на фирмите, како „Камчев консалтинг“, „Орка фајнанс“, од УЈП и Министерството за финансии, како и аналитичка картичка за увид во даночната состојба на фирмите и годишни даночни пријави во УЈП на Јордан Камчев и неговата мајка Ратка Куновска-Камчева, која исто е една од обвинетите.
„Од која причина обвинителот не го побарал и доставил, не знам, најверојатно не му одговарале овие докази, па не ги доставил“,
рече Менкиновски.
Обвинителката Стефанова, пак, рече дека тоа си се нивни докази кои треба да си ги обезбедат.
Меѓу документите, пак, кои беа изведени на денешното рочиште беа договори за преземање удели од една во друга фирма.
Првиот кој го презентираше Менкиновски беше договор помеѓу „Орка Холдинг“ и фирмата од Белизе – „Сирах лимитед“, фирма мајка на македонската „Сирах инженеринг“. Со овој договор кој фирмата од Белизе го отстапила својот удел вреден 1,3 милиони евра на „Орка Холдинг“ за надомест од околу 1,5 милиони евра. Исто така, тој покажуваше и изводи со датуми на исплатите кои биле направени.
Останатите договори и изводи за исплати се однесуваа на префрлање удели помеѓу фирмите на Камчеви: пренос на удел од „Орка Холдинг“ на „Камчев консалтинг“, од „Орка Холдинг“ на „Камчев фајнанс“ итн.
Преку овие докази, од кои за дел обвинителката рече дека таа веќе ги презентираа пред судот, адвокатите на Камчев целат кон тоа да докажат дека се било легално и заведено односно сакаат да ја побијат тезата на обвинителството дека на вакво начин се прекривало потеклото на парите.Во случајот првообвинет е експремиерот Никола Груевски и според обвинителството парите потекнуваат од донации од партијата, кои преку Белизе влегле во земјава.
Според обвинението, во периодот од јуни 2006 до октомври 2012 година, Груевски како лидер на партија наместо да прикаже пари како примени донации во ВМРО-ДПМНЕ, за себе прибавил 1,3 милион евра (79 972 140 денари), а потоа ги пуштал во оптек и купувал парцели на Водно. Станува збор за земјиште на кое имало шума, а кое со промените во Генералниот урбанистички план (ГУП) било пренаменето во градежно. Покрај имотот на Водно, обвинението опфаќа и два стана во главниот град и две парцели во Крушево за кои обвинителството тврди дека се прикривал вистинскиот сопственик односно Груевски.
Покрај Груевски, Камчев и неговата мајка Ратка Куновска-Камчева, обвинети се и Сашо Мијалков, Ристо Новачевски и Ненад Јосифовиќ.
Претходно, на денешното рочиште беа испитани и двајца сведоци на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, со што обвинителката Лиле Стефанова заврши со изведувањето на нејзините докази во текот на главната расправа. Евентуално нови докази таа би можела да предложи откако ќе заврши изведувањето на доказите на одбраната и испитувањето на нивните сведоци односно во дполнението на доказната постапка.