Во агендата на Кирил Петков се предвидени средби со претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, и со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг
Новиот бугарски премиер Кирил Петков, придружуван од вицепремиерот и министер за финансии, Асен Василев, и министерката за надворешни работи Теодора Генчовска, ќе престојува во Брисел.
Како што јави МИА од Софија, ова ќе биде прва работна посета на новиот бугарски премиер на странство. Тој во Брисел ќе се сретне со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
Петков изјави дека ќе отпатува во Брисел за да ги презентира првите стратегии на новата бугарска Влада.
Разговорите со европските лидери ќе се фокусираат на ситуацијата во енергетскиот сектор и зголемувањето на цените на енергијата, планот за закрепнување и одржливост, борбата против корупцијата и процесот на проширување на ЕУ со Западен Балкан.
Со генералниот секретар на НАТО, новиот бугарски премиер ќе разговара за безбедносните предизвици во регионот на Црното Море и Југоисточна Европа.
Како што објави вчера „360 степени’, според информации од дипломатски и владини извори, Бугарија вложила изјава во врска со усвојувањето на заклучоците на последниот состанок на Советот за општи работи на Европската Унија што се однесуваат на процесот на проширување. Во изјавата, слична на онаа прикачена кон заклучоците на Советот во март 2020 година, Бугарија наведува услови под кои би се согласила со усвојување на Преговарачката рамка за Северна Македонија што, пак, е предуслов за закажување на прва меѓувладина конференција.
Изјавата е вложена еден ден по изборот на новата влада на премиерот Кирил Петков, кој најавува „конструктивно надградување“ на позицијата кон Северна Македонија, па нејасно е дали документот е составен и достапен по инерција од претходната службена влада или тоа се ставови зад кои целосно стои и новата извршна власт во Софија.
Пред неколку дена, македонскиот премиер во заминување, Зоран Заев, иамше телефонски разговор со Петков, по што од Владата соопштија дека двајцата соговорници изразиле подготвеност да ја забрзаат комуникацијата и соработката низ повеќе работни групи во областите на економијата, културата, здравството, енергетиката, инфраструктурата и други области од интерес на македонските и на бугарските граѓани.