Заев на Фејсбук објави дека во разговорот изразиле подготвеност да ја забрзаат комуникацијата и соработката низ повеќе работни групи во областите на економијата, културата, здравството, енергетиката, инфраструктурата и други области од интерес на македонските и на бугарските граѓани
Премиерот Зоран Заев телефонски разговарал со новиот бугарски премиер Кирил Петков кому му го честиал изборот, објави Заев на својот Фејсбук-профил.
„На колегата Кирил Петков му го честитав изборот за претседател на Министерскиот совет на Република Бугарија. Во телефонскиот разговор на премиерот Петков му посакав успешен мандат и остварување на сите приоритети утврдени во програмата на неговата Влада, а со цел добробит и просперитет на бугарската држава и бугарските граѓани“,
објави Заев.
Заев посочува дека во разговорот изразиле подготвеност да ја забрзаат комуникацијата и соработката низ повеќе работни групи во областите на економијата, културата, здравството, енергетиката, инфраструктурата и други области од интерес на македонските и на бугарските граѓани.
„Се согласивме да продолжиме да работиме на изнаоѓање прифатливо решение за деблокирање на постапката за почеток на преговорите за членство на Северна Македонија во ЕУ и за нов позитивен импулс за зајакнување на билатералните односи меѓу нашите две земји, во име на заедничката европска иднина“,
наведува Заев на Фејсбук.