Во обраќањето тој потсети дека Европската комисија во својот извештај за напредокот на Северна Македонија укажала дека државата има одредено ниво на подготовка за превенција и борба против корупцијата, но, како што вели, ниту за миг не смее да се заборави дека борбата не се води за Брисел или Стразбур туку за македонските граѓани
Корупцијата е злоупотреба на доверената власт или јавна функција за лична добивка на сметка на јавниот интерес и како таква е најголемото зло за секој демократски политички систем, и за општеството во целина. Корупцијата е суштински неправедна, бидејќи, воведувајќи двојни стандарди, ја поништува еднаквоста на сите пред законот.
Ова се дел од пораките кои ги испрати шефот на државата, Стево Пендаровски, во своето обраќање на одбележувањето на 9 декември – Меѓународен ден за борба против корупцијата.

Според претседателот, она што ја поттикнува корупцијата е и неказнивоста.
„Независно дали причините за корупцијата ќе ги бараме во човековата природа, во системските и структурни недостатоци или законски празнини, има еден фактор што неспорно ја поттикнува, а тоа е културата на неказнивост. Тоа значи дека оние кои планираат да направат нешто противзаконито излегуваат од целиот процес без последици. Многу е важно, санкционирањето да не се ограничи само на лица од вториот или третиот ешалон на власта, туку да ги опфаќа и најмоќните“,
рече Пендаровски.
Покрај неказнивоста, шефот на државата смета дека недостига и јавниот срам. Според него, секој за кој ќе се докаже дека е корумпиран треба да биде изложен и на јавен срам.

„Она што посебно загрижува е што таквите поединци не само што не се санкционирани, туку отсуствува и елементот на јавен срам. На јавен срам треба да биде изложен секој за кој ќе се докаже дека е корумпиран. Културата на неказнивост го издигнува нечесното однесување на ниво на доблест, а чесните и совесни поединци со личен и професионален интегритет ги исмева. Оваа матрица на размислување е девастирачка за општеството и на краток и на долг рок. За да излеземе од оваа надолна спирала неопходно е да вложуваме во културата на одговорност, транспарентност и интегритет. Неопходен е систем што ги ќе намалува можностите за корупција и ќе ја направи корупцијата општествено и лично неприфатлива. А тоа ќе го постигнеме ако цената за корупцијата ја плаќаат само оние кои тоа го заслужуваат“,
порача Пендаровски.
Во обраќањето тој потсети дека Европската комисија во својот извештај за напредокот на Северна Македонија укажала дека државата има одредено ниво на подготовка за превенција и борба против корупцијата, но, како што вели, ниту за миг не смее да се заборави дека борбата не се води за Брисел или Стразбур туку за македонските граѓани.
