„Ако Европската Унија се стреми да биде глобална сила, тогаш прво треба да стане ’локална‘ односно да го оствари своето влијание во Западниот Балкан“, порача вицепремиерот на годишниот состанок на Европскиот совет за надворешни односи

Пораки околу стратешката важност на процесот на проширување на ЕУ со земјите од регионот за иднината на Европа, испрати вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров, при неговото учество на годишниот состанок на Европскиот совет за надворешни односи (ECFR) во Берлин.
Тој порача дека регионот не е во добра форма и дека европското ветување е разнишано, па ЕУ треба да се запраша дали амбицијата да направи разлика на глобалната сцена е кредибилна без регионот.
„Ако Европската Унија се стреми да биде глобална сила, тогаш прво треба да стане ’локална‘ односно да го оствари своето влијание во Западниот Балкан, регион што во секоја смисла е интегрален дел, не само географски. Токму во овој регион, Унијата мора да оствари најголема влијание со оглед на силната врска од аспект на трговијата и финансиската помош, но и политичкото ветување за европската перспектива од Солун 2003 година. Регионот не е во добра форма, европското ветување е разнишано и ЕУ треба да се запраша дали амбицијата да направи разлика на глобалната сцена како играч е кредибилна без првенствено да делува локално – во регионот“,
рече Димитров.
Вицепремиерот е член на овој европски совет кој претставува влијателна заедница која ги обединува највисоките носители на одлуки на континентот, еминентни интелектуалци, претставници на невладиното општество и тинк-тенк заедницата. Неговото излагање, велат од Секретаријатот за европски прашања (СЕП), го свртело вниманието на дискусијата кон политиката на проширување на ЕУ.
На состанокот учествуваа и шпанскиот шеф на дипломатијата Хозе Мануел Абарес, еврокомесарката Јута Урпилаинен и аналитичарот Иван Крстев. На овој настан, ќе се дискутираат и односите на Европа со Кина во контекст на глобалната трговија, а најавени се и обраќања на шведската министерка Ан Линде и директорката на ЕК, Сабине Вејанд.
Претходно, за време на престојот во Берлин, Димитров имаше средби во германското МНР и со претседателот на Фондацијата „Фридрих Еберт“, Марин Шулц.
