Македонскиот претседател се обрати на пленарната сесија на Самитот за демократија, кој се одржува виртуелно
Во последната деценија, на сите континенти, дури и во утврдените демократии, посведочивме пораст на популизмот и авторитарните тенденции кои ја предизвикуваат демократијата и ја прават ранлива. Не постои алтернатива и не треба да губиме ниту минута: ревитализацијата на демократијата е од суштинско значење за справување со овој предизвик без преседан во нашето време. Потполно сме свесни дека нашата безбедност, просперитет и основните права и слободи се меѓусебно поврзани, рече македонскиот претседател, Стево Пендаровски, во свето обраќање на пленарната сесија на Самитот за демократија, кој се одржува виртуелно, во организација на претседателот на Соединетите Американски Држави, Џо Бајден.
На дводневниот самит учествуваат шефови на држави и влади, владини претставници, претставници на меѓународни и граѓански организации, како и од приватниот сектор. Целите на самитот се поттикнување на заложбите и иницијативите за јакнење на демократијата и одбрана од авторитаризам, борба против корупцијата и промовирање на почитувањето на човековите права, како и претставување на предизвиците со кои се соочува демократијата на глобално ниво и во земјите-учеснички, вклучително и во САД.
„Оваа година, Северна Македонија одбележува три децении од Денот на независноста, од времето кога ја прифативме демократијата и ги заштитивме со нашиот Устав – слободата, основните човекови права и правда за сите. Нашата демократија се изроди по половина век авторитарно владеење. По падот на комунизмот, во исто време поминавме низ сложен процес на градење на држава и на демократија. За разлика од земјите од Централна и Источна Европа кои ги уживаа придобивките од европското обединување, Северна Македонија, и покрај тоа што успешно ја избегна граѓанската војна, беше дел од регионот во Европа каде што беа извршени најужасните воени злосторства по Втората светска војна. И покрај ваквото огромно регионално влијание врз македонското мултикултурно општество, успеавме да изградиме и да одржиме функционален модел на мултиетничка демократија. Стратешките цели за членство во НАТО и Европската Унија беа силен поттик дополнително да се зајакне довербата на граѓаните во демократскиот модел на управување,“
рече Пендаровски.



