Свое обраќање на настанот имаше и командантот на центарот на НАТО за комбинирани воздушни операции во Торехон, генерал потполковник Фернандо де ла Круз Каравака
Со изведување на демонстрација на мисијата на НАТО за воздушно патролирање над македонското небо, нашата држава и официјално стана дел од НАТО одбраната.
„НАТО заштитува, обединува и зацврстува. Денеска имавме можност да видиме како овие три цели и задачи на Алијансата навистина се случуваат и пред наши очи. Видовме како со членството во НАТО, Северна Македонија е посилна и позаштитена“,
изјави министерката за одбрана Радмила Шекеринска.
Шекеринска објасни дека ова НАТО со години гарантира безбедност на членовите на Алијансата, во која неодамна се приклучи и нашата земја.
„Ова е можеби еден од највидливите резултати од нашата стратешка цел – членството во НАТО. Алијансата веќе 72 години гарантира безбедност на огромен број граѓани на Северноатлантската област. Во последните 60 години таа гаранција за безбедноста на граѓаните е пренесена и на небо, со функционирање на Мисијата на НАТО ‘Аir policing’. Сега и ние се приклучуваме на таа мисија“,
изјави Шекеринска.
Командантот на центарот на НАТО за комбинирани воздушни операции во Торехон, генерал потполковник Фернандо де ла Круз Каравака, по завршување на настанот рече дека Мисијата на НАТО „Аir policing“ одбележува 60 години и дека таа е основата на Алијансата во остварувањето на своите заеднички цели.
„Ова им овозможува на сојузниците да работат заедно за гарантирање на безбедноста на воздушниот простор, сега вклучително и на небото на Северна Македонија. НАТО авионите кои денеска ги гледате тука се пример за тие што 24/7 го гарантираат нашиот мир, стабилност и просперитет на сите граѓани“,
изјави генерал потполковник Де ла Круз.
Со овој настан се одбележа официјалното вклучување на воздушниот простор на Република Северна Македонија во системот на воздушно патролирање на НАТО.