Лекот се заснова на моноклонални антитела кои се врзуваат за шилестиот (спајк) протеин на коронавирусот, намалувајќи ја неговата способност да навлезе во клетките
Кина даде зелено светло за третман за лекување на ковид-19, соопшти Кинеската агенција за лекови.
За разлика од превентивната вакцина, третманот со лек е наменет за лекување на веќе инфицирани со цел да се избегнат компликации.
Кинеската агенција за лекови објави дека дава „итно одобрение“ за лекот против ковид.
Лекот се заснова на моноклонални антитела кои се врзуваат за шилестиот (спајк) протеин на коронавирусот, намалувајќи ја неговата способност да навлезе во клетките.
Клиничките испитувања покажуваат дека лекот го намалува ризикот од хоспитализација и смрт на пациенти кои може да развијат потешка форма на ковид-19.
Во Кина, која дозволува употреба само на домашни вакцини, вакцинирани се повеќе од 70 отсто од населението. Во земјата денеска се пријавени 83 нови случаи на зараза.
Велика Британија минатиот месец објави дека го одобрила лекот против ковид-19 „молнупивир“, кој е развиен од американската компанија „Мерк“, и тој треба да биде клучна алатка во борбата против пандемијата.
Истовремено и компанијата „Фајзер“ објави дека произвеле таблета против коронавирус која е 89 проценти ефикасна во спречувањето на опасноста од хоспитализација и смрт.
Компанијата изјави дека своите резултати од раните клинички испитувања ќе ги достави до американската агенција за медицина (ФДА) за одобрување што е можно поскоро.