Посетата на Димитров претходи на почетокот на расправата што утре ќе започне во Комисијата за надворешни работи на шпанскиот Конгрес за ратификација на Протоколот
Шефот на дипломатијата Никола Димитров денеска е во работна посета на Шпанија, на покана на министерката за надворешни работи, ЕУ и соработка, Аранча Гонзалез Лаја.
Како што соопшти МНР, главно прашање во разговорите ќе биде заокружувањето на процесот на ратификација на Пристапниот протокол за членство на нашата земја во НАТО, од страна на шпанскиот Парламент, имајќи предвид дека Шпанија е единствената земја членка на НАТО која не го ратификуваше Протоколот досега поради внатрешната политичка криза.
Во рамките на посетата на Мадрид, министерот Димитров ќе се сретне и со претседателот на Долниот дом на шпанскиот парламент, Меричел Батет.
Протоколот утре влегува во шпанскиот парламент
Посетата на Димитров претходи на почетокот на расправата што утре ќе започне во Комисијата за надворешни работи на шпанскиот Конгрес за ратификација на Протоколот.
На дневниот ред како четврта точка, како што веќе објави „360 степени“ е давањето мислење за Протоколот.
Претседателството на Конгресот на Шпанија инсистира на скратување на роковите и забрзана процедура за донесување на одлуката.
Откако ќе го прими задолжителното мислење од Комисијата, претседателката Меритцел Батат Ламања ќе треба да го вметне во распоредот на сесии на конгресниот пленум.
Веднаш по изгласувањето од Конгресот, процедурата продолжува во Сенатот, каде што исто така постапката се води во две фази. По нивното успешно завршување, обврска на Шпанија е да го депонира ратификацискиот инструмент во депозитарот во Стејт департментот во Вашингтон и со тоа да го заокружи процесот на потврда на членството на Северна Македонија во НАТО.
Властите во Мадрид уверуваат дека целата процедура ќе заврши до средината на наредниот месец.
Нашето Собрание, поради распуштање за предвремените парламентарни избори, минатата недела предвреме го усвои Северноатлантскиот договор за членство на државата во НАТО, а ратификацијата почнува да важи по објавата во „Службен весник“ откако шпанскиот парламент ќе ја изгласа како последна 29-та членка на НАТО. Со тоа ќе се заокружи процедурата и државата ќе стане 30-та полноправна членка на Алијансата.