Сојузот од три партии става крај на 16-годишната влада предводена од конзервативците на Ангела Меркел, која не се кандидираше за петти мандат на изборите во септември. Нејзиниот централно-десничарски унионистички блок оди во опозиција по поразот на изборите
Долниот дом на германскиот парламентот, Бундестагот денеска треба да го избере социјалдемократот Олаф Шолц за канцелар со што тој и официјално ќе ја преземе функцијата.
Германските социјалдемократи (СПД), Зелените и слободните демократи (ФДП) вчера го потпишаа коалицискиот договор со кој се утврдува како да се забрза зелената транзиција и да се модернизира најголемата европска економија. Сојузот става крај на 16-годишната влада предводена од конзервативците на Ангела Меркел, која не се кандидираше за петти мандат на изборите во септември. Нејзиниот централно-десничарски унионистички блок оди во опозиција по поразот на изборите.
Водечките членови на сите три партии го потпишаа договорот од 177 страници пред телевизиските камери.
„Ова треба да биде утро за нов почеток“,
рече Шолц.
Лидерот на ФДП, Кристијан Линднер, рече дека во последните неколку недели се разговарало, но оти сега е време за акција.
„Од оваа недела сакаме да работиме на напредок. Немаме илузии, се соочуваме со големи предизвици“,
рече тој.
Партиите го претставија договорот минатиот месец, но требаше членовите да го одобрат пред да го потпишат.