Се очекува, на еден од најважните надворешнополитички состаноци на сè уште младото претседателство на Бајден, американскиот претседател да му каже на Путин какви санкции и други дејствија би можеле да преземат САД доколку Русија одлучи да ја нападне Украина
Американскиот претседател Џо Бајден и рускиот претседател Владимир Путин ги почнаа разговорите преку безбедносна видео-врска, што се очекува да биде прв од неколку последователни состаноци меѓу двајцата лидери, во услови на ескалација на тензиите меѓу Русија и Украина.
Неодамнешните наоди на американското разузнавање укажуваат дека Русија би можела да почне воена офанзива во Украина за неколку месеци, бидејќи ќе собере до 175 000 војници долж границата.
Состанокот започна непосредно по 10 часот според средноевропско време, според Белата куќа, јави Си-ен-ен.
Се очекува, на еден од најважните надворешнополитички состаноци на сè уште младото претседателство на Бајден, американскиот претседател да му каже на Путин какви санкции и други дејствија би можеле да преземат САД доколку Русија одлучи да ја нападне Украина.
Американската разузнавачка заедница верува дека Путин сè уште не одлучил да започне воена офанзива против Украина. Бајден, пак, планира да му каже на Путин дека САД се подготвени да преземат „суштински економски контрамерки“ со цел да нанесат „значајна и тешка економска штета на Русија, доколку Путин продолжи со воена ескалација, како што изјавил вчера висок претставник на американската администрација.
Освен за Украина, лидерите треба да разговараат и за проширувањето на НАТО кон Исток, прашањата за стратешката стабилност и билатералната агенда, а може да се осврнат и на регионалните безбедносни прашања, вклучително и ситуацијата во Авганистан.
Ова е нивни петти разговор откако Бајден ја презеде претседателска функција. Претходно двајцата лидери имаа три телефонски разговори, а се сретнаа и лично во Женева во јуни годинава. Нивната тогашна средба траеше речиси два часа и беше конструктивна.