Не ја исклучувам можноста во одреден момент да посетам други делови од Европа каде има важни прашања за кои треба да разговараме, дипломатски одговори Ескобар на новинарскиот интерес за тоа дали од Скопје оди за Софија
Американскиот заменик-помошник државен секретар за Европа и Евроазија, Габриел Ескобар, во интервју за „360 степени“, вели дека за прашањето за деблокада на македонските евроинтеграции Вашингтон е во постојана комуникација со сите свои европски сојузници.
„Би почнал со пораката дека Северна Македонија заслужува да биде дел од Европската Унија. Вие културно, историски и, се поинтензивно, економски сте дел од Европа. Би требало да имате место на масата. Дополнително, завршивте неколку добри реформи што ве квалификуваат за да го почнете процесот. Одблиску соработуваме со нашите европски партнери, сите наши европски партнери, за да осигураме тоа да се случи многу брзо. Се надевавме и се уште се надеваме дека можете да почнете со меѓувладините конференции оваа година. Ако не годинава, тогаш што е можно поскоро наредната година. Така што, одговорот е – да, за ова прашање сме во постојана комуникација со сите наши европски партнери“,
вели Ескобар.

За новинарскиот интерес искажан на денешниот прес-настан со шефот на дипломатијата, Бујар Османи – дали од Скопје оди за Софија, американскиот дипломат во интервјуто вели дека одговорот е – не, но не исклучи дека тоа ќе се случи.
„По Скопје заминувам за Босна каде ќе се одржи Конференцијата за мировна имплементација. Потоа, одам за Тирана каде повоторно ќе пратам сигнали за нашата поддршка за зачленување во ЕУ по што ќе заминам за Лондон за да се сретнам со новиот британски специјален претставник за Западен Балкан, кој ги свикува министрите за надворешни работи на Западен Балкан за да се мапира како нашата соработка во регионот ќе функционира во иднина. Сево ова се примери за позитивен развој во регионот. Се надеваме дека Македонија ќе биде целосен партнер и ќе ни помогне да има напредок. Не ја исклучувам можноста во одреден момент да посетам други делови од Европа каде има важни прашања за кои треба да разговараме“,
вели Ескобар за „360 степени“.
Прашан да дообјасни што мислел кога во изјавата дадена по средбата со министерот Бујар Османи, во контекст на потребата од што побрз почеток на пристапните преговори, кажа дека „ја поздравува подготвеноста на Северна Македонија за флексибилност“, Ескобар изјави:
„Она што го мислам е дека го поддржуваме секој ваш напор за да се направи се за почеток на тој процес. Направивте реформи, пративте сигнали дека имате намера да направите се што е потребно и оваа Влада изрази силна поддршка, силна стратешка визија да се биде членка на ЕУ и ние продолжуваме тоа да го поддржуваме.“