Обвинителството итно да се огласи за носењето на спорниот ДУП, а Општина Центар да го усвои планот за суспензија, бидејќи во него се наведени сите аргументи поради кои планот е спротивен на Генералниот план за Скопје, порачаа присутните на протестот против изградбата на висококатниците кај „Холидеј ин“
Јавното обвинителство итно да постапи по иницијативата на Антикорупциската комисија за носењето ДУП спроти „Холидеј ин“ и да го заштити јавниот интерес, побараа присутните на денешниот протест во Скопје организиран од граѓанските иницијативи „Шанса за Центар“ и „Зелен хуман град“.

„Она што почнува да се гради според ДКСК е нелегално. Постои сомнеж за злоупотреба на службената положба и сомнеж за корупција. Бараме Обвинителството да постапи по иницијативата која му е поднесена од ДКСК, бидејќи од мај немаат никаков напредок во предметот. Оваа власт наводно се бореше против ‘Скопје 2014’, но за да ни го сервира ‘Скопје 2021’. Ако ова се спроведе што се планира, овој дел ќе биде најгусто населен регион во светот и крајно нехумани услови за живот. Тие луѓе кои велат дека се оштетени и живеат на тој дел можат да бидат обесштетени од државниот буџет, а Општината Центар е должна да ги усвои планот за суспензија на тој ДУП бидејќи во него се наведени сите аргументи поради кој тој план е спротивен на Генералниот план за Скопје. Таков план не смее да се спроведува“,
рече актуелната советничка во Град Скопје, Драгана Велковска од „Зелен хуман град“
Велковска рече дека вината што не се спречи почетокот на градбата е во повеќе институции.
„Од самото донесување на тој план, до продажбата на земјиштето и непостапувањето и на државниот инспекторат за градежништво и непостапувањето на обвинителството. Јасно е дека ова е најверојатно злосторничко здружување“,
рече Велковска.
Експретседателката на Асоцијацијата на архитекти Даница Павловска порача дека клучна улога сега има Јавното обвинителство.
„Обвинителството има моќ многу поголема и апелирам за побрзо расчистување на предметот и создавање на една вистинита приказна и можеби разоткривање на одредени коруптивни односи врзани за овој случај… За можноста на суспензија и распишување на конкурс за овој дел – тоа се алатки кои законот ги предвидува, но по кој пат ќе се оди зависи од ставот на Јавното обвинителство и генерално од политичката волја бидејќи се работи за повеќе политички субјекти. Не се работи само за суспензија како инструмент, туку и за преиспитување на целата таа процедура за носење на планот и целата документација“,
порача Павловска.