Покрај Нехамер, на должност стапија и четворица нови министри

Министерот за внатрешни работи на Австрија, Карл Нехамер, денеска положи заклетва како нов канцелар пред шефот на државата Александер Ван дер Белен, а неговото стапување на функција би требало да стави крај на кризата предизвикана со оставката на доскорешниот канцелар Себастијан Курц и неговото повлекување од политичката сцена.
Одлуката за номинација на Нехамер како канцелар го донесе врвот на Австриската народна партија (ОВП), чиј поранешен лидер Курц соочен со обвиненијата за корупција, најпрво во октомври се повлече од местото канцелар, а потоа и од политиката.
По оставката на Курц, должноста шеф на Владата неполни два месеци ја вршеше шефот на дипломатијата Александер Шаленберг. Следејќи го примерот на Курц, оставки во Владата си поднесоа и неговите најблиски соработници.
Нехамер ја презеде должноста претседател на ОВП. Тој е четврти австриски канцелар кој положил заклетва од 2017 година, што е последица на низа скандали и контроверзии поврзани со Владата предводена од народната партија.

Покрај Нехамер, на должност стапија и четворица нови министри за надворешни и внатрешни работи, финансии и образование. Ресорот за надворешни работи повторно ќе го преземе Шаленберг, а министер за внатрешни работи ќе биде Герхард Карнер, близок соработник на Нехамер.
Летириесет и деветгодишниот Нехамер, кој во младоста бил професионален војник, важи за политичар со поцврсти ставови од Курц.
