Дополнетиот предлог буџет со вградените 23 амандмани веќе е доставен до Собранието

Буџетот што го предлагаме покрај конкретноста изразена во бројки, е и приказ на нашите залагања за дефинираните цели и принципи по кои ќе се водиме. Секој вложен денар на граѓаните мора да биде оправдано вложен таму каде што дава најголем ефект. Тоа е буџет со поголема „вредност на вложените пари“, и за тоа ќе има отчетност, а за таа цел се воведуваат петгодишни индикатори за мерење на успешноста на политиките. Исто така, овој буџет е кроен според „златното правило“ во јавните финансии, односно буџетскиот дефицит е помал од капиталните расходи, што значи задолжување исклучиво за капитални расходи кои достигнуваат највисоко ниво од кој било претходен буџет. Тоа ќе поттикне инвестициски циклус што ќе придонесе за забрзан економски раст, додека преку зелената агенда, поддршката на иновациите и дигитализацијата до одржлив развој и подобар квалитет на живот за граѓаните, вели министерот за финанисии Фатмир Бесими.
Тој во својата колумна посветена на годинешниот предлог-буџет објаснува дека е време за развоен буџет кој ќе резултира во забрзан раст преку зголемени инвестици, но и ќе има капацитет за ублажување на кризите и ризиците со кои се соочуваме.
„Овој буџет се донесува во еден деликатен момент за нашата и глобалната економија. Подложени сме на континуирана неизвесност, предизвици, но и нови можности, вели министерот и додава дека Буџетот за 2022 е конципиран да ги адресира сите можности и предизвици кои ни претстојат во следниот период. Клучни приоритети за наредната година пресликани во овој документ се натамошно економско заздравување и забрзување на растот преку инвестиции, заштита на здравјето на граѓаните во се уште присутни ризици од пандемијата, но и поддршка на животниот стандард на населението“,
потенцира Бесими.
Според министерот во овој буџет посебно внимание добиваат инвестициите.
„Во 2022 година капиталните расходи се планирани на досегашно највисокото ниво од 38,2 милијарди денари. Овој буџет претставува значајна промена и од аспект на структурата. Капиталните расходи учествуваат со 14% во вкупните расходи и се зголемени за 28,3% во споредба со 2021 година, при истовремено кратење на „непродуктивните„ буџетски трошења. Ова е во рамки на Планот за забрзан раст 2022-2026, кој има за цел финансирање на закрепнувањето на економијата погодена од кризата и поддршка на забрзан и одржлив раст притоа одржувајќи фискална стабилност“,
вели министерот за финансии.
Дополнетиот предлог буџет со вградените 23 амандмани е доставен до Собранието, каде на пленарна седница треба да биде усвоен. По Дополнетиот предлог буџет согласно Деловникот на Собранието расправата трае пет дена.