Новото дебатно издание на емисијата „360 степени“, во кое разговараме со Ѓорѓи Трендафилов и Добре Митрев, се емитува вечерва (3 декември 2021 г.) од 22 часот на ТВ Алсат
Темата за која разговараме е – правата на Бугарите во Република Северна Македонија. Прашањето е релевантно во контекст на блокираниот пристапен процес на земјава кон Европската Унија и се почестите изјави на официјални претставници на бугарската држава дека доследно почитување на правата на граѓаните со бугарска самосвест е еден од условите за Софија да ја крене рампата за Скопје. Во дел од тие изјави се споменува и промена на Уставот за Бугарите да се внесат во преамбулата, меѓу народите кои решиле да ја конституираат самостојна и суверена Македонија. Ова беше едно од главните барања што го изнесоа претставници на политичката партија Граѓанско-демократска унија (ГДУ) и на неколку здруженија на Бугарите од земјава на средби со државно-владиниот врв во Софија, кои се случија пред околу еден месец. Двајца од членовите на таа делегација вечерва се во нашето студио – Ѓорѓи Трендафилов, претседавач на Националниот комитет на ГДУ и Добре Митрев, претседател на Здружението за македонско-бугарско пријателство.
Емисијата почнува во 22 часот на ТВ Алсат.