Само во Јужна Африка се потврдени нови 31 000 инфекции со коронавирус
Африка се соочува со над 100 отсто зголемен број на новоинфицирани со коронавирус. Минатата недела на африканскиот континент биле потврдени 52 300 нови инфекции со ковид-19, што е за 105 отсто повеќе од претходната недела. Само во Јужна Африка се потврдени нови 31 000 инфекции со коронавирус.
Џон Нкенгасонг, од Центарот за заразни болести во Африка, истакна дека Африка е снабдена со вакцини, но досега само седум отсто од населението е целосно вакцинирано. Континентот набавил 417,5 милиони дози вакцини, од кои 235,8 милиони биле инјектирани.
Според африканскиот Центар за заразни болести, во Африка досега се потврдени околу 8,6 милиони инфекции, а повеќе од 223 000 луѓе починале како резултат на компликации со ковид-19.
Новата варијанта на коронавирусот – омикрон, која најпрво се појави во Јужноафриканската Република, откриен е и во Боцвана, Гана и Нигерија. Единаесет африкански земји, пак, во моментов се борат со четвртиот бран на заразата, а Маврициус веќе влегува во петтиот бран, наведуваат од африканскиот Центар за заразни болести.
