Адвокатот на Груевски, кој е поставен по службена должност, пак, го бранеше својот клиент со прашања дали му било конкретно посочено дека со „шефот“ се мисли на Груевски, на што сведокот одговори дека во еден разговор му било спомнато „шефот Никола“
Кој се интересирал и кој барал атрактивните парцели на Водно да влезат во Генералниот и Деталниот урбанистички план, како и за изработката на идејното решение за викенд-куќа со видиковец во Крушево, се прашањата околу кои денеска во Основниот кривичен суд во Скопје сведочеше архитектот Александар Јанакиески, кој работел во Општина Центар во периодот кога биле купувано земјиштето опфатено во случајот „Плацови на Водно“.
Архитектот раскажуваше дека бизнисменот Александар Ивановски – Алек Теранова прв бил во Општина Центар да се распраша за парцелата во месноста Шербетница, за која бизнисменот претходно сведочеше дека ја купил преку фирмата „ИТК инженеринг“, по замолница на Сашо Мијалков, како што му рекол, „да се направи тоа за негов пријател“.
Покрај со Алек Теранова, кому му укажал дека најголемиот дел од парцелата е надвор од Генералниот урбанистички план (ГУП) и оти поради тоа не може да се планира урбанизација со ДУП, сведокот рече дека разговарал и со Јанакиески.
„Разговаравме со Миле Јанакиески на еден од работните состаноци во Владата каде што се одржуваше Комитетот за градежна експанзија. Ми рече: ’Аце, Алек бил кај тебе, шефот ми спомна (Груевски), заинтересиран е за урбанизација на тој простор‘. Бидејќи таму имаше изложено катастарски планови, му посочив за кое земјиште е и дека за тоа треба да има прво промена на ГУП. Во натамошната фаза, Град Скопје го има донесено ГУП-от“,
рече архитектот потсетувајќи дека тогаш била фаза на носење нов план бидејќи стариот ГУП бил со важност до 2012 година.
Со промените овој реон влегол во ГУП-от донесен од Град Скопје, а следствено на тоа била започната и постапка за носење ДУП од Општина Центар, но тој план понатаму не се донел.
„Општина Центар започна регуларна и законска постапка за изработка на ДУП за тој простор. Потоа следуваше еден состанок на Комитетот за градежна експанзија и на Јанакиески му посочив дека тој план се разработува. Тој ми спомна: ’Аце, шефот замолува да се направат две-три варијанти на тој потег‘“,
сведочеше архитектот.
Тој раскажа дека биле разработени неколку решенија и тие ги разгледувал и Миле Јанакиески, а потоа во процедура влегло едно од нив.
Секогаш кога го споменуваше „шефот“, сведокот нагласуваше дека се мисли на Никола Груевски, но тој лично, како што кажа, никогаш не контактирал со него.
„Шефот замоли да изготвите план за викенд-куќа во Крушево“
Овој сведок зборуваше и за земјиштето во Крушево, кое исто така е дел од обвинението за „Плацовите на Водно“, а зад кое, според обвинителството, повторно стои Груевски. Како што сведочеше, Миле Јанакиески ги замолил него и неговата сопруга, која е планер, да изработат план за викенд-куќа и видиковец за таа локација.
„Ме замоли: ’Аце, шефот ме замоли, ако можеш ти и твојата сопруга да направите предлог-идејно решение за овој извод од план‘. Ми даде извод од план и мислам дека имаше и елаборат со нумерички податоци“,
раскажуваше архитектот.
Тој нагласи и дека се сеќава оти носител на имотниот лист бил Ристо Новачевски, кум на Груевски, но тогаш ниту контактирал ниту го познавал тоа лице, а идејното решение, како што рече, „најверојатно го пратил на Јанакиески“.
Адвокатот на Груевски, кој е поставен по службена должност, пак, го бранеше својот клиент со прашања дали му било конкретно посочено дека со „шефот“ се мисли на Груевски.
„Кога се дискутираше за предлог-решенијата за ДУП-от, го нема посочено со име, но во претходен разговор ми го спомна шефот Никола“,
сведочеше архитектот.
Адвокатот го бранеше Груевски и со прашањето дали се согласува дека и други министри често се повикувале на шефот, за да се заврши некоја работа порано, на што сведокот рече дека можеби тоа било пракса, но тој не може да потврди за други личности.
Претходно, во судница сведочеше и ексминистерот Миле Јанакиески.
Во случајот Груевски е првообвинет, а делата се перење пари и противправно стекнување и прикривање имот. За разлика од него, кому му се суди во отсуство, на обвинителка клупа седат Сашо Мијалков (за помагање во перење пари), Јордан (Орце) Камчев, неговата мајка Ратка Куновска-Камчева, Ристо Новачевски и Ненад Јосифовиќ, кои се обвинети за перење пари.
Според обвинението, во периодот од јуни 2006 до октомври 2012 година, Груевски како лидер на партија, наместо да прикаже пари како примени донации во ВМРО-ДПМНЕ, за себе прибавил 1,3 милион евра (79 972 140 денари), а потоа ги пуштал во оптек и купувал парцели на Водно. Станува збор за земјиште на кое имало шума, а кое со промените во Генералниот урбанистички план (ГУП) било пренаменето во градежно. Покрај за имотот на Водно, обвинението опфаќа и два стана во главниот град и две парцели во Крушево за кои обвинителството тврди дека се прикривал вистинскиот сопственик односно Груевски.