Либан минатата недела регистрира пораст на новозаболени лица за 34 проценти, со повеќе од 1 000 нови инфекции дневно

Либанските власти денеска најавија дека ќе воведат ноќен полициски час за невакцинираните пред почетокот на божиќните и новогодишните празници.
Според либанскиот министер за здравство Фирас Абијад, тоа е една од мерките за запирање на неодамнешниот пораст на зголемениот број инфицирани со ковид-19 и мерка на претпазливост поради појавата на новиот сој омикрон.
Либан нема регистрирано ниту еден случај на инфекција со омикрон, но малата земја се соочува со сериозна финансиска криза и е загрижена дека нејзиниот здравствен систем нема да може да се справи со новозаболени лица.
„Одборот за справување со ковид-19 сака да избегне воведување на целосно затворање и се надева дека ќе поттикне вакцинација на повеќе луѓе“,
истакна Абијад.
Новите мерки даваат рок и до 10 јануари за задолжителна целосна вакцинација на службениците од јавната администрација и безбедносниот сектор, припадниците на армијата и вработените во здравството, образованието и туризмот. Абијад предупреди дека во спротивно ќе останат без работа.
Либан минатата недела регистрира пораст на новозаболени лица за 34 проценти, со повеќе од 1 000 нови инфекции дневно.
