На министерскиот состанок на НАТО во Рига тој како примери ги посочи запалливата реторика на Милорад Додик и тензиите меѓу Белград и Приштина
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг цени дека од неодамна се зголемени тензиите во Западен Балкан, вклучително и во Косово и Босна и Херцеговина, и дека Алијансата ќе продолжи да ја промовира безбедноста, стабилноста и соработката во регионот.
„Видовме зголемени тензии, со поагресивна реторика и забавени реформи, како и влијание на странските актери кои работат на поткопување на напредокот“,
рече Столтенберг по седницата за Западен Балкан на министерскиот состанок на НАТО во Рига.
Столтенберг потенцирал дека Западен Балкан е важен регион за НАТО и ЕУ и дека сега се сведоци на загрижувачки случувања, дека се загрижени поради реториката на поделба во Босна и Херцеговина и поради продолжување на тензиите меѓу Белград и Приштина.
„НАТО ќе продолжи да ја промовира стабилноста, безбедноста и соработката во регионот“,
рече Столтенберг, додавајќи дека се согласиле за важноста на присуството на НАТО во регионот, вклучително и мисијата КФОР на Косово и канцелариите на Алијансата во Сараево и Белград.
Според него, НАТО е загрижен и поради „многу агресивната реторика“ на Милорад Додик и дека „неговата многу запалива реторика само го поткопува Дејтонскиот договор и напорите за изградба на стабилна, мултиетничка“ БиХ.

Тој рече дека една од ретките мултиетнички институции во БиХ се вооружените сили, дека тие се успешна приказна за НАТО, бидејќи Алијансата им помогнала да се изградат и обучуваат како мултиетничка институција.
„Ќе направиме се што можеме за да спречиме се што може да го поткопа, бидејќи ни требаат мултиетнички институции, државни институции, вклучително и вооружените сили. Така ќе бидеме фокусирани и ќе продолжиме да работиме со БиХ“,
рече Столтенберг
Тој повтори дека соработката на НАТО со Европската унија останува суштинска и дека ќе продолжи да работи заедно за зачувување на стабилноста и поддршка на реформите.
