Во Кина се објавени детали од најголемата студија од појавата на епидемијата со која се опфатени 70 000 случаи на заболени од коронавирус.
Податоците покажуваат дека повеќе од 80 проценти од случаите имале малку изразени симптоми, додека најризична група се постарите лица и медицинскиот персонал.
Деталите од студијата се појавуваат истовремено со информацијата дека како последица на вирусот почина директорот на болницата во Вухан која е водечка болница во жариштето на епидемијата Хубеј.
Лиу Жиминг (51), директор на болницата Вучанг, починал утрово и е прв директор на болница кој починал од Ковид-19.
Претходно од Ковид-19 почина и Ли Венлианг, кинескиот лекар кој прв предупреди на опасноста од новиот коронавирус.
Во извештајот се нагласува дека меѓу децата нема жртви.
Крвната плазма од поранешни пациенти, кои биле заразени со новиот коронавирус, содржи антитела, кои може да придонесат за намалување на неговата количина кај пациенти во тешка состојба.
„На 11 пациенти, хоспитализирани во Вухан, од каде што почна епидемијата, минатата недела им беше дадена крвна плазма“, изјави Сун Јанжун од Центарот за биолошки истражувања при Министерството за наука и технологија на Кина. – Еден од нив веќе се е пуштен од болница, а останатите успешно закрепнуваат.
Во Хубеј 1 800 починати и речиси 60 000 заразени
Бројот на починати од новиот коронавирус во централната кинеска провинција Хубеj од вчера до денеска се зголеми за 93 и сега изнесува 1789 лица, соопшти кинеската национална здравствена комисија.
Во Хубеј, жариште на вирусот Ковид-19, регистрирани се 1 807 нови случаи, со што вкупниот број достигна 59 989 лица. Вкупно во Кина досега починаа 1 868 и 72 436 инфицирани лица.
Најновите информации беа објавени на веб-страницата на здравствената комисија. Меѓу лицата кои ги загубија животите во Вухан е и директорот на болницата. Речиси 90 отсто од новите случаи се во главниот град на провинцијата, каде живеат околу 11 милиони луѓе.
На крузерот „Дајмонд Принцес“, закотвен во јапонското пристаниште Јокохама, денеска се регистирани нови 88 заразени, со што вкупниот број на потврдени случаи на крузерот достигна 542 инфекции.