Интернет-страницата izbori.se на која граѓаните можат да гласаат за најдобриот опозициски кандидат на претстојните избори во Србија денеска беше пуштена во употреба.
„Унгарската опозиција одржа избори две години пред вистинските избори. За нив гласаа обичните луѓе, масовно. Тие избраа заеднички кандидат на опозицијата, па излегоа на вистинските избори и победија. Нашата опозиција оди во четири колони. Се помирија со тоа српскиот претседател Александар Вучиќ да биде претседател до 2027 година и целото внимание го насочија кон изборите во Белград. Нам, гласачите, ни останува да ги организираме предизборите“,
се наведува на интернет-страницата.
Меѓу предложените кандидати се поранешниот српски претседател Борис Тадиќ, потпретседателката на Партијата на слободата и правдата Мариника Тепиќ, претседателот на Демократската партија на Србија, Милош Јовановиќ, претседателот на движењето „Доста е“, Саша Радуловиќ, претседателот на движењето „Двери“, Бошко Обрадовиќ, актерот Драган Бјелогрлиќ, генерал Здравко Понош, екоактивистот Александар Јовановиќ-Ќута, епископот на СПЦ, Григорије (Младен Дуриќ), режисерот Борис Малагурски, докторот Бранислав Несторовиќ, новинарката Јелена Обуќина…
„Тој што ќе добие најголем број гласови, и ќе ја прифати кандидатурата, ќе биде наш кандидат за претседател“,
се наведува на веб-страницата, а ќе може да гласаат само полнолетни граѓани на Фејсбук за да, како што се вели, не влијаат ботови на резултатите од гласањето.
На Фејсбук има и група „Избори.се“, со натпис на профилната фотографија „Рецепт за отстранување на Вучиќ“, но не е прецизирано кој стои зад таа група.
На фејсбук-страницата може да се види дека досега гласале околу илјада граѓани.