Потенцијалните владини партнери во Бугарија одржаа координација на тема Северна Македонија. Иако впечатокот од повеќечасовната дискусија е дека социјалистите и партијата на Слави Трифонов ја потиснаа умерената позиција на победниците од „Продолжуваме со промената“ и „Демократска Бугарија“, на крај, беше формулиран став со кој се зачувува досегашната државна позиција и се најавува нејзино конструктивно надградување. За тоа што точно значи „конструктивно надградување“, „360 степени“ разговараше со Марија Симеонова од Европскиот совет за надворешни работи во Софија
Дали е точен впечатокот дека по петте дена јавни консултации четирите политички групации се на добар пат да формираат влада?
„Четири политички формации седеа на преговарачката маса, а целиот процес беше во живо пренесуван на ‘Фејсбук’. Сите ние можевме да видиме како течат консултациите. Имаше дух на разбирање, но во наредните две недели се уште нема да знаеме како ќе изгледа идниот коалициски договор, има време, треба да причекаме уште за да го видиме изгледот на тој коалициски договор во однос на сите политики кои беа разгледувани во изминатите 4-5 дена“,
анализира за „360 степени“ Марија Симеонова од Европскиот совет за надворешни работи.

За Република Северна Македонија најинтересни беа консултациите од саботата посветени на темата „надворешна политика“. Како вие го доживеавте сегментот посветен на земјава и што би значело најавеното „конструктивно надградување“ на досегашната позиција и пристап на Бугарија кон Северна Македонија?
„Северна Македонија беше екстензивно разгледувана во саботата за време на преговорите меѓу четирите партии. Инаку, она што сите го видовме во саботата, беше тоа дека идната влада ќе има конструктивен пристап за прашањето со Република Северна Македонија. Но, уште на почетокот, во првите неколку недели на новата бугарска влада ќе се очекуваат дејства, како и чекори што треба да ги преземе македонската страна. Пристапот на Кирил Петков и на Асен Василев е многу прагматичен. Под конструктивно…. Истакнаа дека треба да се засилат двостраните врски меѓу двете земји во трговијата, економијата, трговската размена, да се заврши Коридорот 8, да има директна авионска линија меѓу Софија и Скопје… Сето ова се работи кои недостасуваат и кои треба да се засилат. За тоа зборуваа, со содржина да се исполнат односите. Треба да видиме каков ќе биде коалицискиот договор. Тоа беа преговори за да се слушнат мислењата на четирите партии кои беа на преговарачката маса. Но, колку работите ќе бидат под влијание на една, или на друга политичка формација, не можам да кажам се додека не го имаме коалицискиот договор“,
вели Симеонова за ,,360 степени”.
Во Скопје, министерот за надворешни работи Бујар Османи се уште вели дека е можен пробив и со службената влада на Стефан Јанев, врз основа на досегашната размена на документи и коментари за 5-те точки, за да се стигне до деблокада на пристапниот процес на Северна Македонија веќе на 14 декември кога заседава Советот за општи работи на ЕУ. Возможно ли е такво нешто, според вас?
„Техничката влада има само уште неколку дена живот. Да, има Совет на ЕУ на 14 декември, но претходно има и состанок на КОРЕПЕР така што периодот се скусува. Она што јас го мислам е дека во Бугарија фоксуот е насочен кон тоа како ќе изгледа идниот коалициски договор, а техничката влада наскоро ќе престане да функционира. Оттука, треба да причекаме и да видиме што ќе има во коалицискиот договор на евентуалната идна редовна влада во Бугарија“,
анализира Симеонова.