Вкупно 1,15 милијарди евра помош на Албанија се собрани на денешната меѓународна донаторска конференција „Заедно за Албанија“, соопшти во Брисел, европскиот комесар за проширување Оливер Вархеј.
Донаторската конференција се одржува за да се обезбеди финансиска помош за Албанија која на 26 ноември беше погодена од силен земјотрес, во кој загинаа 51 лице, а илјадници останаа без покрив над главата. Освен претставници на ЕУ, на конференцијата учествуваа и партнерите на Албанија од Западен Балкан, претставници на меѓународни организации, како на ОН и Светската банка, земји кои не се дел од Европа.
Конференцијата ја отвори претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен. Во име на институцијата што ја предводи таа вети 100 милиони евра од европскиот буџет за помош на Албанија. Претходно во декември ЕК одвои 15 милиони евра за Албанија.
Солидарност од регионот
Албанската телевизија Топ ченел објави дека средства за обнова на земјата донираа и земјите од регионот.
Италија ќе и додели на Албанија 65 милиони евра за санирање на последиците од земјотресот, Србија два милиони евра, Република Северна Македонија шест милиони денари, Црна Гора 500 илјади евра, што заедно со претходната помош изнесува 750 илјади, а Косово 200 илјади евра.
Словенија донира 300 илјади евра за изградба на училиште во погодените подрачја, додека Бугарја 100 илјади евра. Бугарија планира и 375 илјади евра за други проекти во текот на 2020 година за изградба на патишта, училишта и социјална инфрастрктура.
Топ чанел пренесува дека Турција ќе изгради 500 индивидуални куќи во Лач, во вредност од 45 милиони евра. Таа ќе донира и 100 илјади евра за санација на џамии.
Хрватска ќе донира еден милион евра, додека Грција 2,5 милони евра.
Албанскиот премиер Еди Рама се заблагодари на донаторите и рече дека не очекувал толкава сума. Според него тие очекувале околу 350 милиони евра. Проценките се дека штетите од земјотресот се околу милијарда евра.
На донаторската конференција учествуваше и премиерот Оливер Спасовски кој истакна дека солидарноста во Европа e темелот врз која се гради идејата за Европската Унија.
„Европската Унија, меѓу другото, е заедница на вредности. Една од тие темелни вредности е солидарноста, и оваа конференција потврдува дека земјите членки на ЕУ, ја негуваат и афирмираат оваа вредност. Република Северна Македонија и Албанија не се земји членки на Европската Унија, но грижата што ја покажува Европската Комисија ги охрабрува владите и народите на овие две земји и им дава за право и охрабрување дека прифаќањето на европските вредности е сериозен влог во нивните аспирации еден ден да го остварат својот стремеж и да бидат рамноправни членки на Европската Унија“, рече Спасовски.