Денеска Бугарското обвинителство треба да објави првични информации за трагедијата
Главниот бугарски обвинител Иван Гешев во придружба на истражител денеска ќе дојде во Скопје за лично да поднесе барање за правна помош до Обвинителството во Северна Македонија. Бугарските обвинители треба да добијат ДНК-профили од роднини на загинатите во автобуската несреќа за идентификација на жртвите.
Денеска Бугарското обвинителство треба да објави првични информации за трагедијата.
Во меѓувреме, продолжува истрагата за тешката автобуска несреќа во која загинаа 45 лица на автопатот „Струма“ во Бугарија.
Бугарската телевизија Нова јави дека шест истражители од Националната истражна служба и тројца обвинители од Подрачното обвинителство во Перник работат на предистражната постапка.
Портпаролката на главниот обвинител Сијка Милева уверува дека во најкус можен рок, бугарските истражители ќе ги добијат потребните документи од нивните македонски колеги.
Во меѓувреме, седумтемина преживеани остануваат на лекување во болницата „Пирогов“. Нивната состојба е стабилна. Двајца од нив вчера се оперирани. Еден од нив има посериозни изгореници на двете раце.
Со оглед на шокот од несреќата и тешките психички трауми, хоспитализираните добија и специјализирана психолошка поддршка од болницата. Се уште нема јасна прогноза кога може да се отпуштат, велат од „Пирогов“.