Четириесет и пет лица, државјани на Северна Македонија, загинаа откако се запали патнички автобус со македонски таблички на автопатот „Струма“, јавува бугарската телевизија НОВА. Трагичниот инцидент се случил денеска во 2 часот по полноќ во близина на селото Бошнек. Пламенот избувнал откако возилото удрило во заштитната ограда. Меѓу жртвите има и 12 деца, изјави министерот за внатрешни работи Бојко Рашков. Загинал и возачот.
Во автобусот, кој најверојатно патувал за Истанбул, се наоѓале вкупно 53 лица. Седум лица ја преживеаја несреќата – 17-годишно девојче и шест возрасни лица. Сите се државјани на Република Северна Македонија. Тие се пренесени во болницата „Пирогов“. Од болницата велат дека нивната состојба е стабилна и дека се надвор од животна опасност. Шестмина се со изгореници, а еден пациент има повреда на ногата.
За трагедијата бугарскиот премиер Стефан Јанев го информирал колегата Зоран Заев.