Актуелниот градоначалник вели дека надлежните немале време да ги процесираат случаите додека Теута Арифи била градоначалник туку тоа го прават сега што, според него, е политички притисок
Финансиската полиција денеска го посетила новиот градоначалник на Тетово, Билал Касами, во врска со предмети од периодот кога на чело на општината беше Сади Беџети.
„Денеска, пред да дојдам овде, ме посети Финансиската полиција под изговор за некои случаи на поранешниот градоначалник Сади Беџети од пред неколку години. Немаа време да ги процесираат овие случаи додека Теута Арифи беше градоначалничка, но доаѓаат сега кога Билал Касами е градоначалник на Тетово. Со сите останати проблеми што ми ги оставија во наследството, денеска ме посетува и Финансиската полиција и оценувам дека се работи за политички притисок“,
изјави Касами.
Беџети беше градоначалник на Тетово во периодот од 2009 до 2013 година, како кадар на ДПА.
На изборите во 2013 година тој ја изгуби битката од Теута Арифи од ДУИ, која остана градоначалничка во два мандати односно до октомври годинава. И на последните локални избори Беџети беше кандидат. Освои 3 840 гласови, но тие не беа доволни да влезе во вториот круг.