Вчера, пак, вицепремиерот и потпретседател на СДСМ, од една страна, рече дека „наскоро ќе добиеме ’Заев три влада’, повторно предводена од Заев“, а од друга страна најави смена на шест до седум министри, што би можело да значи отворање на процедура како за избор на нова влада
СДСМ во моментов има мнозинство со сите прогресивни сили, новата влада ќе биде поголема и постабилна од таа што беше порано, ќе има стабилно парламентарно мнозинство, без оглед дали се тоа 64, 65 или 67 пратеници, кое понатаму ќе успее да владее до крајот на мандатот и конечно во нашата земја да имаме парламентарни избори во четири години, истакна потпретседателот на СДСМ Фатмир Битиќи во „24 анализа“ на ТВ 24.
„Преговорите за зголемување на мнозинството продолжуваат, процесот е отворен, за целата опозиција, за сите кои веруваат дека во овој период можеме да ги искористиме можностите кои се понудени од различни аспекти, бидејќи ни претстојат низа предизвици и треба сите заедно да ги пребродиме“,
истакна Битиќи.
Зборувајќи за најавената и моментно „замрзната’ оставка на Зоран Заев и на премиерската и на лидерската позиција во СДСМ, Битиќи посочи дека општеството не треба да бара, туку политичарите се тие кои даваат оставка, а раководството, како што рече, го поддржа моралниот чин на претседателот на партијата.
„Разговараме за различни опции, во овој момент е битно зголемување на парламентарното мнозинство, вториот момент е консолидирање на партијата, сега е битно да се насочиме на предизвиците кои значат живот“,
рече Битиќи.
Тој посочи дека партијата функционира така што претседателот е избран на непосредни избори, што ја прави СДСМ единствена партија во регионот каде што се бира претседателот на непосредни избори. Оставката на претседателот, пак, значи дека и раководството е во оставка и тоа значи преземање одговорност. Ако јавноста треба ваков морален чин да види и индивидуално кај членовите од раководството тоа може лесно да се направи, истакна Битиќи.
Тој нагласи дека тоа што Заев го направи во овие пет години е доволен белег на обединување, единство и сплотеност и тоа не само во партијата.
Следната седмица се очекува средбата на Заев со Африм Гаши, која, според најавите, би можела да резултира со приклучување на Алтернатива (која брои четири пратеници) кон владејачкото мнозинство, кое во таков случај би стигнало до 64 пратеници, со оглед на најавите на Кастриот Реџепи дека останува дел од мнозинството. Сепак, Битиќи, напомена вечерва дека процесот на преговори за постабилно мнозинство „е отворен за целата опозиција“.
Досегашното мнозинство, во кое учествуваше и Беса, броеше 62 члена.
Вчера, пак, Битиќи, од една страна, рече дека „наскоро ќе добиеме ’Заев три влада’, повторно предводена од Заев“, а од друга страна најави смена на шест до седум министри, што би можело да значи отворање на процедура како за избор на нова влада.
Според член 94 од Уставот, доколку претседателот на Владата предложи разрешување на повеќе од една третина од членовите на Владата од првобитниот состав, Собранието одлучува како за избор на нова Влада. Ако се има предвид дека актуелната Влада брои 20 членови, заедно со Заев (од кои 12 се од СДСМ), смената на седум министри би повлекла постапка како за избор на нова Влада, со враќање на мандатот кај претседателот Стево Пендаровски, кој потоа би го дал на кандидат на партијата која ќе потврди дека има мнозинска поддршка во парламентот.