Словенија, Хрватска и Грција се земјите од регионот што ресорното министерство ги наведува како пример воведување мерки што се однесуаат на граѓаните кои не се вакцинирани против ковид-19
Вработените кои ги опфаќаат новите мерки имаат избор да приложуваат и негативен тест еднаш неделно доколку одлучат да не се вакцинираат, а сите оние кои имаат здравствени проблеми заради кои не може да се вакцинираат не се присилени тоа да го направат. Истите мерки кои ги предлагаме се веќе воведени во многу земји во Европа и во регионот, како на пример во Словенија, Хрватска и во Грција, каде што одамна се на сила, соопштија од Министерството за здравство, посочувајќи дека реакцијата се однесува на соопштението на Конфедерацијата на синдикати во кое се тврди дека мерките кои ги предлага Комисијата за заразни болести се „присилна вакцинација“.
„Во услови кога се заканува нов силен ковид бран, должност на Министерството и на Комисијата е да предлагаат соодветни мерки кои со сигурност ќе дадат резултати, како за намалување на ширењето на вирусот, така и за подигање на процентот на имунизирано население. Протести или други форми на изразување на незадоволство против мерките се демократско право, но исто така спротивно на здравствените препораки кои доаѓаат од светските здравствени институции. Апелираме на одговорност на сите граѓани и чинители во општеството, со цел заеднички да ги надминеме сите предизвици со пандемијата Бараме поддршка за мерките кои се во интерес на јавното здравје и заштита на здравствениот систем кој трпи огромен притисок пред се од лица кои не се вакцинирани, а имаат потреба од болничко лекување“,
се наведува во реакцијата на МЗ.
Откако Комисијата за заразни болести денеска предложи нови мерки за невакцинираните граѓани, од Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) реагира дека со предложените рестрикции за вработените во јавниот сектор се кршат основните човекови права. КСС бара Владата да размисли пред да ги донесе.
„Вакцинирањето треба да е личен избор, а не да се наметнува со мерки, како што тоа сака да го наметне Комисијата за заразни болести, на чело со министерот за здравство Венко Филипче. Предлогот на Комисијата трошоците за ПЦР тестовите да бидат на трошок на вработените за нас е неприфатлив, со оглед на тоа дека над 80 000 вработени во јавниот сектор се на минимална плата која, не е доволна да се преживее во текот на месецот. Недозволиво е на осиромашените работници да им се наметнуваат дополнителни трошоци, а притоа да се прекршуваат и нивните човекови права“,
наведува КСС во реакцијата.
Доколку бидат прифатени предложените мерки, КСС најавува дека ќе ги искористи сите синдикални мерки што и се на располагање за рестрикциите да не се применуваат.
Реагираа и од Сојузот на синдикати, од каде што посочија дека вакцинацијата мора да биде резултат на лична определба на работниците и не смее да се спроведува со присила.
„Процесот на имунизација не смее да се спроведува на штета на елементарните права на граѓаните гарантирани со Уставот, меѓународните конвенции и закони и против волјата на поединецот“,
пишува во реакцијата на ССМ.
Синдикатот информира дека во изминатиот период до него пристигнале обраќања од работници кои не се вакцинирани во кои укажуваат дека не им е дозволено да влезат на работа без сертификат за вакцинација или негативен тест направен на нивни трошок.